Во комуникации сме со EXIM (експорт-импорт) банка, која е државна банка од САД, како и со државната банка на Велика Британија, а разговараме и со друг конзорциум тоа да го финансира. Од аспект на државни трошоци, ќе гледаме тоа да биде најоптимално, открива министеропт за финансии, фатмир Бесими. Тој во телевизиско интервју посочи дека се преговара со државна агенција на САД која би помогнала во финансирањето на изградбата на автопатите, за што ќе треба да се изгласаат посебни законски решенија во Собранието. Од Министерството за финансии потенцираат дека моментално се водат преговори со неколку кредитори кои би помогнале да се реализира овој проект, чие финансирање засега зависи само од државниот буџет.

– Во комуникации сме со EXIM (експорт-импорт) банка, која е државна банка од САД, како и со државната банка на Велика Британија, а разговараме и со друг конзорциум тоа да го финансира. Од аспект на државни трошоци, ќе гледаме тоа да биде најоптимално – открива Бесими.


Проектот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10-Д ја бранува јавноста изминативе месеци откако беше потпишан договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Од Државната комисија за спречување на корупцијата беше оценет дека е со голем степен на корупција и дека со широко отворени очи треба да се следи неговата имплементација. Од Тетово и од Прилеп почнаа геомеханички истражувања на планираните, но се уште не дефинирани и исцртани траси, за што од буџетот на ЈП за државни патшта на изведувачот му се префрлени 117 милиони евра.

Целиот проект што треба да се реализира за 4 години и 7 месеци, првично беше речено дека ќе чини 1,3 милијарди евра, за потоа да се потенцира дека уште 200 до 300 милиони евра ќе бидат потребни за процесот на експропријација. Опозицијата пак, лиферува со бројка од 2 милијарди евра.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, пак, исто така во телевизиско интервју посочи дека Европската унија преку Брисел отворила втор циклус на прашања за договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој не транспарентно објавен во јавноста, а до ДКСК е испратена само скратена верзија и антикорупционерите немаат увид во некои делови од договорот со образложение дека се деловна тајна. Кај Европската комисија предизвика загриженост што донесените спорни закони беа изгласани во брза постапка со користење на европското знаменце, поради што ЕК бараше објаснување на нашата Влада.

– Ние им објаснивме писмено и усмено повеќе пати. Тие побараа нови одговори во втор круг на допишување. Во текот на скринингот им доставив информација, сега втор пат праќаат, а ние ќе им го доставиме одговорот – рече Маричиќ.

Тој истакна дека во договорот со „Бехтел и Енка“ има формули, методи, начин на работа, за кој тие не сакаат да се објавуваат поради деловна тајна.

ВМРО–ДПМНЕ со месеци наназад обелоденува и предупредува за она што стои во договорот кој стигнал до нив од свиркачи, а власта во најголем дел ниту демантира ниту потврдува. Минатата недела на потегот од Тетово до Гостивар почнаа да се вршат геомеханички испитувања, а паралелно се работи и на проектирање, елаборати со експропријација и градежни работи.

– Во делови од договорот има ставки за кои нема цена односно пишува „ќе биде дефинирано“. Тоа се трошоци за релокација на постоечки објекти, за системот за телекомуникации, за звучни бариери, за контрола на сообраќајот, за изградба на патарини, за електрификација и осветлување на патот и на тунелите, за вентилација на тунелите, за противпожарна заштита и слични ставки – истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски најави репреговарање на договорот со „Бехтел и Енка“ што би го направила идна влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, заатоа што смета дека сегашнава власт „не водела сметка за државниот интерес и за интересот на граѓаните не го заштитила, додека компанијата си ги заштитила сопствените интереси на најдобар можен начин“.

– Можно е во светот на бизнисот на два начина да завршите договор. Едниот е договорот да го прекинете и да плаќате пенали, а овдека сигурно ќе плаќаме огромни пенали затоа што според истиот тој договор којшто не е демантиран од страна на Владата, одговорен суд е судот во Париз според правилата ма  Меѓународната трговска организација на кој што ќе се применува законодавството на Англија и на Велс. Еден сосема поинаков тип на законодавство, споредено со македонското законодавство каде што државата е во подредена положба. Тоа е едната опција, да го раскинеме договорот, да немаме автопати и државата да плаќа пенали. Вториот е тоа што ќе го наследиме да го направиме како што треба. Јас лично ќе се занимавам како инженер и посебно сум загрижен зашто се потврдија сите мои стравувања. Практично видовме дупчалки со кои се отпочнуваат геолошките истражни работи. Тие што се инженери знаат што зборувам. Без истражни работи, без геологија вие немате проект, а како ќе правите нешто за коешто веќе е добиен аванс – додава Мицкоски.

Вели дека проектот многу го загрижува и посочува дека во Романија откако тамошниот проект се репроектирал, поевтинел и до 30 проценти.

– Може да се преговара и да се репреговара и ако навистина сакаат од компанијата да бидат пријатели и ако навистина нашите стратешки пријатели се стратешки пријатели на оваа земја ќе ни помогнат заедно да седнеме, да испреговараме нешто што ќе биде заеднички интерес, а пред сѐ интерес на граѓаните – потенцира Мицкоски.