СДСМ не открива кој е еден од четворицата кандидати за лидер чија кандидатура е одбиена.

Партиски извори тврдат дека проболем не биле критериумите туку опасноста тој/таа кандидат(ка) да го спречи планот на актуелното раководство за избор на кандидат кој е ,,по мерка” на Зоран Заев.

Централната изборна комисија на СДСМ одлучила дека три од четирите поднесени кандидтури за лидер на партијата ги содржат сите потребни документи и ги исполнуваат сите услови согласно правилата кои беа распишани, соопшти Славјанка Петровска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање до каде е верификацијата на кандидатурите.

-Рокот за поднесување на кандидатури за претседател истече вчера, поднесени се четири кандидатури. Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е, и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија. Kандидатот кој ја поднесе е известен за тоа – рече Петровска.

Кандидатури поднесоа Фросина Ременски, Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Властимир Алексовски.

Вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември.