Во денешното соопштение на СДСМ партијата на власт се фали со одлуката на Европската Унија (ЕУ) за обезбедување на макрофинансиска помош за Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина.

Но во информацијата што СДСМ ја објавува на својот портал се крие дека парите од ЕУ не се вистинска неповратна помош туку се заем кој ќе мора да се врати со одредена камата.

Во соопштението СДСМ не наведува колкава е каматата и во кој рок заемот ќе треба да се врати.

Вториот момент кој го крие власта е дека парите се условени од низа реформски процеси со кои власта на Ковачевски и Ахмети имаат проблеми.

Според одлуката на Брисел предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ.

Одлуката беше едногласно усвоена од Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ минатиот понеделник, откако првично мина во Европската комисија (ЕК) на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а на 5 јули и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР).

Во Одлуката се посочува дека економијата на земјава била значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.

„Владата на С. Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото“, се наведува во документот.

Според ЕК, доколку бидат спроведени реформите заемот кој ќе мора да се врати ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Македонија во 2023 година и во 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.