СДСМ: Гласајте „за“ ако сакате да ги видите уставните амандмани

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара уставните измени да бидат безусловно презентирани пред референдумот, затоа што граѓаните треба да бидат информирани за измените пред да гласаат.

ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго бара да се објават измените на уставот, но изминатава недела ги засили барањата. Власта во серијата дебати го најави својот одговор, најпрвин преку Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во ТВ дуелот со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, каде што рече дека најпрвин граѓаните морале да гласаат „за“ на референдумот, ако сакале да дознаат како ќе им се менува Уставот. Тој став го потвди и премиерот Зоран Заев.

„По завршувањето на референдумот и објавувањето на резултатите, јавноста ќе биде запознаена со сите детали од уставните измени кои се однесуваат на Преспанскиот договор. Промените се во членот 3, членот 49 и во Преамбулата, имаме само зајакнување на одлуките на АСНОМ дека тоа се одлуки за слобода, за демократија, за еднаквост“ – мистериозно изјави премиерот Заев.

Универзитетскиот професор Светомир Шкариќ, во колумна за „Република“ заклучува дека е потребна промена на преамбулата во делот на Крушевскиот Манифест и Крушевската Република и Манифестот на АСНОМ.

„Барањето за промена на Преамбулата датира уште од 1992 година. Тоа се гледа од Писмото на министерот за надворешни работи на Грција, Андонис Самарас, испратено до Европската заедница во јануари 1992 година, пред самитот во Лисабон. Во писмото Самарас го напиша следното: ,,Настаните од 1903 и 1944 го истакнаа обидот на Словените од Македонија да воспоставаат соодветно автономна или независна македонска држава. Држава која би ја апсорбирала цела Македонија, вклучувајќи ги и македонските провинции на Грција, Бугарија и Албанија“, објаснува Шкариќ зошто ние треба да го менуваме Уставот.