Авторот на колумната Сакам да кажам Горан Михајловски за порталот СДК.мк анализира како Бугарија се обидува преку уцените за ЕУ да ја натера Македонија да потклекне пред бугарските антимакедонски барања и агенди.

,,Додека Германците во Берлин се радуваат на успехот дека ги убедиле лидерите од Западен Балкан да потпишат договор за полесно поминување на границите, во Софија не можат да се сопрат во смислувањето нови провокации што би го сопреле нашиот пат кон ЕУ. Нашиве политичари од власта внимаваат како да ги пречекаат Бугарите да не случајно ги налутат, а Бугарите гледаат како да ги начекаат.

Ја испратија потпретседателката Илијана Јотова во Битола на Денот на ослободувањето на градот од фашизмот да отвара ловечки дом за „бугарските ловечки традиции од цар Самоил до денеска“ и со гарда да посетува гробишта на бугарски војници од Првата и Втората светска војна низ Битолско и Преспа. Партизаните во гроб ни се превртуват со толкава брзина што можеме струја да произведуваме.

Бугарското Министерство за надворешни работи било многу загрижено дека Собранието усвои закон со кој се забранува на здруженија и фондации да им се даваат имиња на фашисти и нивни соработници. Ние сме загрижени дека европска Бугарија промовира здруженија и клубови со имиња на фашисти и нивни соработници. А Европска унија ни вика – Вие само сменете го Уставот”, пишува Михајловски за кого не е проблем да го смениме Уставот туку што ќе биде потоа.

,,Што сè не сме смениле за таа пуста ЕУ, па сега проблем било Уставот да се сменел по стоти пат. Еве, ако треба ќе ги наброиме во Преамбулата сите 3.504 граѓани што се изјасниле како Бугари на пописот со име и презиме поединечно, ако тоа е последната пречка за влез во ЕУ. Проблем е што истата секунда кога ќе го смениме Уставот, Бугарија ќе излезе со нови барања пред ЕУ, опстојувајќи на политиката за негирање на македонскиот идентитет. Европската унија ѝ е последна шанса на Бугарија да го оствари она што со векови не успеала да го оствари со војна и тоа ќе го користи до крај”, пишува Михајловски во колумната.