Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на својот налог на Инстаграм објави дека Саудиска Арабија ќе го организира 25. Светско фудбалско првенство во 2034 година, откако на денешниот краен рок за кандидатури се откажа Австралија.
„Фудбалот го обединува светот како ниту еден друг спорт. Светскиот куп е совршен приказ за порака за единство и инклузија. Различни култури можат да бидат заедно“, порача Инфантино.
„Најголемото шоу на Земјата ќе биде организирано од Канада, Мексико и САД во 2026 година – во Северна Америка. Наредните две изданија на Светскиот куп на ФИФА треба да бидат одржани во Африка (Мароко) и во Европа (Португалија и Шпанија) – со три славенички натпревари во Јужна Америка (Аргентина, Парагвај и Уругвај) – во 2030 година и во Азија (Саудиска Арабија) во 2034 година. Три изданија, пет континенти и десет земји вклучени во одржувањето мечеви на турнирот – тоа го прави фудбалот навистина глобален!“, додава Италијанецот на чело на Светската фудбалска федерација.
Мундијалот во Саудиска Арабија ќе биде трет во Азија по тој во 2002 година во Јапонија и во Јужна Кореја, како и по СП 2022 во Катар, воедно и втор на Блискиот Исток.