Само завојуваните Украина и Русија, како и Белорусија и Молдавија, со помал раст на БДП од Македонија

Светска банка ѝ предвидува на Македонија петти најмал раст на економијата во 2022 година меѓу 23 земји од Европа и Централна Азија.

Според последниот извештај, македонскиот бруто домашен производ годинава ќе порасне за 2,1 проценти, најмалку меѓу тие над „позитивна“ нула. Полош резултат ќе испорачаат само економиите на завојуваните Украина (-35 отсто) и Русија (-4,5), како и Белорусија (-6,2), која е под санкции поради поддршката за Русија, и Молдавија (-0,7), која граничи со Украина.

„Во актуелната ситуација, засилената политичка несигурност и закочениот парламент, по резултатите од локалните избори и отстранувањето на пречките за отворање на пристапните преговори со ЕУ, во услови на криза со храна и енергија, може да доведе до одложување на спроведувањето на реформите потребни за поттикнување на потенцијалниот раст и за консолидација на јавните финансии. Згора на тоа, намалената домашна и надворешна побарувачка, високите влезни трошоци и недостигот од ликвидност може да доведат до дополнителни отпуштања и зголемување на сиромаштијата, како и до растегнување на веќе тенките јавни финансии. Конечно, заострувањето на финансиските услови може да влијае на опциите за финансирање и на трошоците понатаму“, се вели во извештајот на Светска банка за Македонија.