Сакаме федерализација? – Трифун Костовски

Во колумна со наслов “КАКВА МАКЕДОНИЈА Сакаме” бизнисменот Трифун Костовски се осврнува на велигденскиот масакр кај Смилковското езеро но и на други актуелни теми:

Ќе ми простите, не сакам да пишувам некролози, меѓутоа душата не ми дава да не го споменам денешниов ден, 12 aприл, точно 8 месеци од убиството на Еуростандард банка.

Настрадаа многу семејства, правни лица, а истрагата за ова злосторство тапка во место. Мои блиски пријатели веќе четврти месец, упорно инсистираат да си го вратат долгот за земен станбен кредит од некогашната Еуростандард банка, меѓутоа упорно правното лице, Еуростодард банка во стечај одбива да ги прими овие пари користејќи ја фразата која е типична за сите малверзации во нашата земје „почекајте ќе ве повикаме“.

Овој однос објаснува дека некој упорно се труди да ја покрие стечајната маса на собраните пари. Мудроста умее да каже: „заклаа вол за едно кило месо.“ Почитувани, ова беше само потсетување дека и понатаму сум посветен на ова злосторство сторено врз мене и моето семејство и врз физичките и правни лица-коминтенти на Еуростандард банка.

Денеска сакам да го споделам со вас моето размислување, барајќи ги причините за тоа зошто како држава дојдовме на ниво да бидеме омаловажувани од нашите соседи, па би рекол и од целокупната светска заедница. Причините за ваквата состојба на Република Македонија ја гледам исклучиво во кадрите или политичарите кои ја водат оваа држава на централно и локално ниво.

Ќе се согласите со мене дека резигнацијата од општествените и политичките случувања е толку голема кај секој граѓанин, што тој веќе отрпнат на секакви неправда не го ни забележува криминалот иако му е пред очи. Криминалот на граѓаните во оваа земја се чини како нормалност.

Основните причини за оваа апатичност ја гледам токму во изборниот законик. Изборниот законик во Македонија на локално и централно ниво бара минимум консензус на излезеност. Значи, гласањето не е облигаторно, туку е по сопствен избор.

Токму тука е клучот, повторувам, по моја лична перцепција, за одговорот зошто граѓаните се убедени дека неможе веќе ништо да се смени во државата и се разочарани до степен на апатичност од практикувањето на владеење во Република Македонија.

Заклучувам, на избори излегуваат во најголем број партиски членови и по некој симпатизер.

Евидентен е процентуалниот пад на излезноста во гласањето на локално или централно ниво.

Во нашите соседни држави Грција, Бугарија, Турција, гласањето е со закон регулирано дека секој граѓанин мора да излезе да гласа. Ваквото облигаторно право му дава можност на секој поединец кој што е обврзан да излезе да гласа да размисли кому ќе му го даде својот глас. Народски кажано, изборот ќе го направат сите граѓани на Република Македонија, а носителите на функции ќе ја имаат вистинската поддршка.
Убеден сум дека мора да се смени законот, и гласањето да стане законска обврска за секој граѓанин на Република Македонија.

Вториот сегмент во изборниот законик треба да се менува, бидејќи претендираме дека сме унитарна држава што значи целата Република Македонија да биде една изборна единица.

Изборните листи не да бидат партиски, туку да бидат граѓански. Да се гласа за граѓанинот, за личноста со своја биографија и интегритет, а не за партијата. Зошто ова го велам – бидејќи очигледно партиските послушници кои активно учествувале во изборните процеси онаму каде што победила нивната партија се единствените привилегирани личности во нашето секојденвие. Кога говорам привилегирани, не мислам на нивната спремност да се зафатат со предизвикот кој го бара самата функција, туку народски кажано му се доделува функција за „заслуги“, затоа што бил партиски послушник.

Во Македонија има исклучително значајни личности, искусни, со експертиза, интегритет и со индивидуални квалитети кои може да придонесат да се смени целосната слика во нашата држава.
Нам ни требаат квалитетни луѓе, со одговорен пристап во вршењето на својата функција, меѓутоа наоружани со знаење и искуство, а пред сѐ со чесност и свест за заедничко добро.

На крајот сакам да споделам со вас дилема која долго време ме мачи, а е поврзана со нашата Република Македонија. Согласно Уставот, Македонија е унилатерална држава. Ако подлабоко навлеземе во анализата на локалната територијална поделба која е извршена во 2004 година ќе заклучиме дека федерализацијата на Македонија е отпочната точно со донесувањето на сила на овој закон за територијална поделба.
Мапата на локалната територијална поделба е исцртана не согласно современите потреби на сите граѓани, туку исклучиво по етнички основа.

Мои пријатели, патувајќи од Кичево до Ботум пред Охрид на секоја бензинска пумпа се закачени сите можни знамиња единствено недостасува државното макдеонско. Знамиња на Косово, Албанија, САД, ЕУ, НАТО, ама Македонско нема. Дали овој мал показател говори нешто за унилатералноста на Македонија? Не, мои почитувани, за жал ова не води кон одржувањето на унилатералноста, туку води кон федерализација на Република Македонија.

Сакаме федерализација? Според мене – НЕ! Дали треба да дејствувавме да се исправат грешките во изборниот законик на локално и централно ниво? Мојот одговор е ДА.

Пандемијата која нѐ погоди веќе повеќе од една година секојдневно ја испорачува својата фактура која директно се одразува врз животот на граѓаните. Идеална подлога за реинкарнација на национална и социјална нетрпеливост. Дали тоа го сакаме? Јас лично НЕ. Дали треба да делуваме за отстранување на овие лоши закони? Мојот одговор е ДА, мораме да дејствувавме многу силно и амбициозно, бидејќи Ѓаволот ја однел шегата и можни се секакви сценарија кои секао ќе паднат на терет на обичниот граѓанин во Република Македонија.
Умот, мудроста и рационалниот пристап мора да бидат водилка доколку сакаме да си ја сочуваме нашата држава.

До вчера имавме проблем со името со нашиот сосед Грција. Денес имаме проблем со нашите соседи од Бугарија кои не ги признаваат нашата национална самобитност и јазик. Утре може да се појави со свои претензии соседна Албанија, Србија па дури и Косово.

Минаа 110 години од Блаканските војни, во кои повод за војување беше денешна Македонија. Се плашам дека сенките од минатото се сѐ уште присутни во високите кругови на нашите соседи. Дали ќе успееме да се одбраниме од овие завери, зависи исклучиво од нас.

Почитувани, споделив со вас едно размислување на тема во која сум убеден дека секој поединец ќе може да каже нешто, да размисли и да пресуди. Дали сум во право? Колку сум во право? И дај Боже да не сум во право, меѓутоа барам аргументиран одговор.

На крајот сакам да ви посакам успешно справување со пандемијата која веќе ни одзема многу наши блиски. Вакцинирајте се час поскоро. Секојдневно заминуваат од овој свет наши блиски роднини и пријатели, а за иднината? Е, за ова прашање ве молам длабоко размислите.