САД со први санкции за Косово по ескалацијата во општините на северот

Косово се соочи со првите санкции од својот најголем поддржувач САД по ескалацијата на настаните во општините на северот со доминантно српско население, а ги соопшти американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Одбивањето на повиците од Вашингтон до Владата на Албин Курти да ја деескалираат ситуацијата го чинеа Косово откажување на учеството во воената вежба „Дифендер Европа 2023“, објасни Ховениер.


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 26 мај предупреди дека акциите на Владата на Косово во северните општини ќе имаат последици по билатералните односи.

„Првиот показател за тоа е одлуката донесена синоќа од американскиот командант за Европа да го откаже учеството на Косово во ‘Дифендер Европа 2023’, што се случи преку ноќ. За Косово овие вежби се завршени“, рече Ховениер на состанокот со неколку новинари во Приштина.

САД имаат две барања до Владата на Косово: да не инсистира градоначалниците да работат од зградите на општините и полицајците да се повлечат од трите згради на општините на северот (во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток – н.з.).

„Сметаме дека присуството на косовската полиција во зградите во кои се влезе насилно е многу предизвикувачки, па побаравме од Владата да ја повлече полицијата од овие три општински згради“, додаде Ховениер.

Радиотелевизија Србија (РТС) неофицијално дознава дека САД забраниле и состаноци и посети на официјални лица на Косово во Америка.