САД и ЕУ му порачаа на Косово да направи отстапки во спорот со Србите на северот на земјата или ќе се соочи со последиците. Предупредувањето дојде откако американските и европските претставници ги завршија своите посети на Косово и Србија за да ги смират тензиите што избувнаа во насилство минатата недела, при што беа повредени десетици мировници на НАТО и српски демонстранти од северно Косово.
Насилството се случи откако косовските власти поставија градоначалници етнички Албанци во општинските канцеларии. Градоначалниците беа избрани врз основа на излезност од само 3,5 отсто, откако мнозинството Срби во тој регион ги бојкотираа локалните избори.
Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, рече дека Косово мора да им даде поголема автономија на општините со мнозинско српско население, доколку сака да се приближи до влезот во НАТО и ЕУ.
„Акциите преземени или непреземени може да имаат некои последици што ќе влијаат на делови од односите меѓу Косово и САД, не сакам да навлегувам во тоа“, изјави Ескобар за косовските медиуми во вторникот, пред да замине за Белград. Тој и Мирослав Лајчак од ЕУ дополнително не појаснија со какви други последици може да се соочи владата на премиерот Албин Курти доколку не се согласи со нивните барања.
На ова Курти со одговор:
„Мислам дека овие работи не се решаваат со притисок и спомнување на последици или дури и санкции. Имаме предизвици со претставниците на ЕУ и САД, но нашите билатерални односи со ЕУ и САД се одлични“, рече Курти за новинарите.
Поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел најави „тешки последици“ за Косово доколку премиерот Албин Курти ги отфрли барањата што му ги презентираа претставниците на САД и на Европската унија.
Гренел рече дека меѓународната заедница му дала рок на Курти до петок да ги исполни обврските што неговата земја претходно ги презеде и оцени дека Курти „не разбира што се случува со Косово“. Тој најави „тешки последици“ доколку Курти не го стори тоа.
Гренел вели дека видел какви последици може да има и рече дека тие „не се убави“.