САД: „Фајзер“ вакцини и за деца од пет години

Експертите од американската Управа за храна и лекови (ФДА) ја препорачаа вакцината на „Фајзер/Бионтек“ да им се дава на деца од пет до 11-годишна возраст.

Со вакцината на „Фајзер“ веќе се вакцинираат децата од 12 години па нагоре, а минатиот месец компанијата информираше дека вакцината е безбедна и за децата на возраст од 5 до 11 години.

Најновата одлука опфаќа 28 милиони американски деца и таа сега треба да биде одобрена од ФДА и Центарот за контрола и превенција на болести.

Официјалните податоци од САД покажуваат дека 160 деца на возраст меѓу пет и 11 години починале од коронавирус од почетокот на пандемијата. Во САД од вирусот починале вкупно околу 740 000 луѓе.

Вакцината со две дози, базирана на новата мРНА-технологија, произведува силен имунолошки одговор кај деца на возраст од пет до 11 години, покажа клиничкото испитување на 2 268 учесници, објавија компаниите минатиот месец.