Руски борбен авион Су-27 истрела проектил во близина на британскиот извидувачки авион Боинг РЦ-135 над меѓународните води во Црното Море, изјави во Парламентот во Лондон министерот за одбрана Бен Валас.
Според него, лансирањето на проектилот било случајно и Москва го објаснила тоа со техничка неисправност.
„Дуелот“ меѓу шпионскиот и борбениот авион се случи на 29 септември. По инцидентот, Лондон привремено ги суспендираше патролите и му изрази загриженост на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, истакна Валас.
„Во одговорот на рускиот министер за одбрана на 10 октомври беше наведено дека тие спроведоа истрага за околностите на инцидентот и беше наведено дека станува збор за техничка неисправност на ловецот Су-27“, откри тој, додавајќи дека Москва „призна дека инцидентот се случил во меѓународниот воздушен простор“.
Британските шпионски авиони сега летаат со придружба на борбени авиони за да им обезбедат подобра безбедност, истакна министерот.
Досега Русија молчи за наводниот напад и не даде никакви јавни изјави за инцидентот.
Во 2021 година, според руското Министерство за одбрана, бројот на извидувачки летови што ги организира НАТО во регионот на Црното Море се зголеми за повеќе од 60 отсто во споредба со 2020 година.
Последната средба во која учествуваа британски авиони се случи минатиот август кога пресретнувач МиГ-31БМ бркаше надгледувачки авион РЦ-135 од рускиот воздушен простор над Баренцовото Море во близина на градот Мурманск.