Руската амбасада во Скопје упати реакција до министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој како нов претседавач на ОБСЕ го одбра Киев за своја прва дестинација на посета.

Русија смета дека Османи не ги споменал сите жртви на гранатирањето и му нагласија на министерот да се држи до мотото „Се работи за луѓето“ со кое го започна својот мандат.

„Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи вчера во Украина шпекулираше за „жртви на руската агресија“, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев. Но, кога пристигна во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Доњецк и Макеевка (во ДНР): има мртви, ранети сѐ уште беа под урнатините.

Бујар Османи досега не ги спомна жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили, како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници.

„Се работи за луѓето“, велите?“, реагира руската амбасада.

Османи го осуди рускиот напад на станбена зграда во Днипро, каде што пред два дена загинаа повеќе од 40 лица и над 70 се ранети.

„Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна“, кажа Османи.