Русија заработила 93 милијарди евра од извозот на фосилни горива во првите 100 дена од војната во Украина.

Повеќето фосилни горива биле испорачани во Европската унија, а просечната извозна цена била за околу 60% повисока од минатата година, покажа новото истражување.

Според извештајот на Независниот центар за истражување на енергија и чистота на воздухот (CREA) во Финска, дури 61% од рускиот извоз на фосилни горива отишол во Европската унија за околу 57 милијарди евра.

Најголеми поединечни земји увознички се Кина (12,6 милијарди евра), Германија (12,1 милијарди евра) и Италија (7,8 милијарди евра), според извештајот објавен од АФП.

Најголем дел од приходите на Русија од фосилните горива доаѓаат од сурова нафта (46 милијарди евра), а потоа следи гасот што Русија го извезува преку цевководи, нафтени деривати, природен гас (LNG) и јаглен.