Ова го соопшти Владимир Дегтјар, главен директор на Државниот ракетен центар Макејев, пренесуваат руските медиуми. „Ракетниот систем веќе е пуштен во сериско производство, обезбедени се потребните материјали и опремата за производство“, рече тој.

Во следните 40-50 години „Сармат“ ќе го зајакне борбениот потенцијал на руската армија и ќе ја обезбеди безбедноста на Русија, рече тој, додавајќи дека „во сегашните геополитички услови ова оружје ќе стане главен фактор на нуклеарно одвраќање и гаранција за чување на мирот“.

Русија тврди дека новата ракета ќе може да нападне цели и над северниот и јужниот пол и на тој начин да ги порази противракетните одбранбени системи на непријателот.

Русија претходно објави дека првото лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета „Сармат“ е извршено на 20 април и дека било успешно.
До крајот на есента тие планираа да произведат и распоредат околу 50 од овие интерконтинентални балистички ракети способни за нуклеарни напади.

Сармат има домет од 18 илјади километри и може да биде опремен со нуклеарни боеви глави.
Претседателот Владимир Путин го искористи лансирањето на проектилот во април за да му се закани на Западот во контекст на руската војна во Украина. Ракетата може да ги надмине сите видови одбрана и да ги натера земјите да размислат пред да и се заканат на Русија, рече тогаш Путин.