Русија се’ почесто споменува преговори

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави вчера дека целите на „специјалната воена операција“ на Москва во Украина се непроменети, но дека тие може да се постигнат преку преговори.

Коментарот даден за рускиот весник „Известија“ е најнов во серијата изјави оваа недела во кои се нагласува отвореноста на Москва за разговори – промена на тонот што следи по низата понижувачки порази за руските сили додека војната во Украина се приближува кон дервети месец, потсетува „Ројтерс“


„Насоката не е променета, специјалната воена операција продолжува да ги постигнува нашите цели. Сепак, постојано повторуваме дека остануваме отворени за преговори за да ги постигнеме нашите цели“, нагласи Песков.

Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во вторникот рече дека Москва е отворена за разговори со Западот, но САД ја отфрлија неговата изјава како „поставување“.

„Никого нема да притискаме. Доколку има конкретни сериозни предлози, подготвени сме да ги разгледаме“, рече подоцна Лавров.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли можноста за разговори со претседателот Владимир Путин откако Русија анектираше четири украински региони минатиот месец и започна воздушни напади врз украинските градови оваа недела по бомбардирањето на мостот на Крим.