Цените на пченицата драстично пораснаа денеска откако Русија го прекина учеството во иницијативата која гарантира безбеден извоз на жито преку Црното Море, велат трговците.
На берзата во Чикаго цените на фјучерсите на пченицата пораснаа за 3,4 отсто.
Поскапува и пченката, за два отсто.
Причина беше најавата на Русија за суспензија на учеството во иницијативата што гарантираше безбеден извоз на жито и вештачки ѓубрива од три украински пристаништа на Црното Море, според договорот меѓу Русија, Украина и Турција, постигнат во јули минатата година со посредство на Обединетите нации.
Договорот беше склучен на 120 дена, а во ноември минатата година беше продолжен за уште 120 дена и во март за уште 60 дена. Договорот истече денеска, со најавата на Русија дека не се почитуваат одредбите за нејзиниот извоз.
Од почетокот на август минатата година до 10 јули годинава, од три украински пристаништа на Црното Море се извезени 32 милиони тони жито во 45 земји на три континенти, објавија ОН минатата недела.
Најмногу жито беше извезено во Кина, речиси осум милиони тони.
Следат Шпанија и Турција со шест, односно 3,2 милиони тони. Меѓу петте главни увозници беа и Италија и Холандија, со 2,1 и два милиони тони жито, соодветно.
