Иако вчерашниот ден започна со серија воздушни напади врз критичната инфраструктура во Киев, на крајот од денот беше запалена празнична елка во центарот на украинската престолнина, пренесува „Франс прес“.

12-метарското вештачко дрво е симболично украсено со гулаби на мирот и со сини и жолти светла – боите на украинското знаме. На нејзиниот врв е поставен грбот на државата, на кој е прикажан златен трозабец.

Неколку десетици жители изразија радост што дрвото „донесува празнична атмосфера во толку тежок период“.

„Русите се обидуваат да ги лишат нашите граѓани од нормален живот, но ние нема да дозволиме да им ги украдат најголемите празници – Нова Година и Божиќ – од нашите деца“, истакна градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на отворањето на елката.