Русија го „разоружа“ Пендаровски: Путин и Трамп не го делеле Косово

Тезата на македонскиот национален координатор за НАТО, Стево Пендаровски, дека во случај на поделба на Косово „најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија“ уште истиот ден ја разниша Министерството за надворешни работи на Русија.

Пендаровски во денешното интервју за порталот МКД.мк изјави: „Во самата завршница се преговорите меѓу Белград и Приштина за нивниот финален договор околу Косово. За наша жал, таму во последно време, на маргините на тие преговори, од влијателни држави се слушаат гласови дека повторно е на маса опцијата да се разменуваат територии или да се подели Косово. Сите знаат дека ако се оди на поделба на Косово, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, чија бројка во Македонија е значајна и, ако северот на Косово во такви некакви планови се припои кон Србија, јас не можам да видам како албанскиот фактор во Македонија не би го поставил повторно прашањето на границите на Македонија“.

Од Москва, пак, денеска стигна демант дека претседателот Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп го делеле Косово на меѓусебната средба на 16 јули во Хелсинки, нешто што го тврдеше косовскиот весник „Газета експрес“, а го пренесоа и руските медиуми. Повикувајќи се на дипломатски извори, приштинскиот лист извести дека Трамп тогаш се согласил со, наводно, разгледуваните предлози Белград да ја признае независноста на Косово, а за возврат северните територии на кои живеат Срби да ѝ припаднат на Србија.

„Со целосна одговорност тврдиме дека тоа е апсолутна дезинформација, како и другите претпоставки што во последниве неколку дена се појавуваа во печатот за некакви ‘посебни аранжмани’ што, наводно, се случиле во Хелсинки“, стои во реакцијата на Одделението за информации и печат на МНР на Русија.