Рубљата посилна од пред руската воена интервенција во Украина

Руската рубља денеска се разменува по курс од 75 рубли за еден американски долар и 81 рубља за едно евро, што е нејзина најголема вредност во однос на странските валути по 19 февруари.

Рубљата падна на историски најниско ниво по почетокот на руската воена интервенција во Украина на 24 февруари и воведените санкции од САД, Европската унија и нивните сојузници, па на 7 март таа се менуваше за 150 рубли за еден долар.

Руската влада презеде чекори за стабилизирање на економијата погодена од санкциите, помагајќи ѝ на валутата да се врати од рекордно ниските нивоа. Централната банка воведе итна контрола на капиталот, вклучително и забрана за странци да продаваат руски средства, како и задолжителна продажба на тврда валута од страна на извозниците.

Руската валута доби уште еден поттик откако претседателот Владимир Путин во март објави дека „непријателските земји“ кои воведоа санкции против Москва сега мора да плаќаат за рускиот природен гас само во рубли. Барањето доби негативен одговор од ЕУ, но Унгарија и Словачка рекоа дека се подготвени да го прифатат новиот начин на плаќање. Москва, исто така, посочи дека во иднина сите руски стоки ќе треба да се плаќаат во рубли.

Друг фактор во корист на рубљата беше соопштението на Банката на Русија на 25 март дека регулаторот продолжува со купување злато по фиксна цена од 5.000 рубли (52 долари во тоа време) за 1 грам помеѓу 28 март и 30 јуни. Мерката ефективно ја поврзува рубљата со златото, а бидејќи златото се тргува во американски долари, ова ја поставува најниската цена за рубљата во однос на доларот, воспоставувајќи нов девизен курс меѓу двете валути поблиску до нивоата забележани во четвртокот.