Четири пати поголеми суми од претходната година заработиле македонските три најголеми нафтени компании во земјава во ек на пандемија и нафтена криза.

Вкупната добивка на Окта, Макпетрол и Супертрејд за лани изнесува 45 милиони евра. Само во првите три месеци од годинава Окта заработи 10 милиони евра. Причините се зголемените цени и побарувачка, обајви РСЕ.

Со секојдневна промена на цените на горивата од Регулаторната комисија за енергетика, граѓаните за изминативе девет дена плаќаат за најмалку 15 денари поскап бензин по литар.

Според податоците од клубот 200 на најуспешни и најголеми компании кои се занимаваат со трговија со гориво се Макпетрол, Окта и Супертрејд.

Извештајот на РКЕ покажува дека акционерското друштво ОКТА учествува со 69 проценти во увозот на нафта. По него следува Супертрејд со 11 проценти од увозот, додека останатите помалку од 20 проценти отпаѓа на другите 25 компании.

Акционерското друштво Окта во првите три месеци од годинава заработило бруто добивка од 10,2 милиони евра, што е за 5,6 милиони повеќе од истиот период минатата година.

„Супертрејд „според податоците од Централниот регистар, оваа компанија во завршната сметка за 2021 година навела дека нејзината нето добивка изнесува 3,2 милиони евра што е речиси двојно повеќе од минатата година. Но, тоа е податок само за една од трите фирми заведени под името Супертрејд во Централниот регистар кои се занимаваат со трговија на горива.

Во однос на продажбата на нафтени деривати преку бензински пумпи, Макпетрол е на прво место со над 40 отсто удел на пазарот, покажуваат податоците за 2021 на Регулаторната комисија за енергетика. Финансискиот годишен извештај на Макпетрол објавен на нивната веб страница покажува дека минатата година добивката на оваа компанија изнесувала над 22 милиони евра што е 4 пати повеќе од претходната година.