Професорот на правниот факултет на Тетовскиот универзитет Башким Селмани ДУИ може да замине во опозиција ако на евентуални предвремени избори се обединат опозициските албански партии и доколку добијат и поддршка од македонска голема партија која ќе сака да и се спротивстави на ДУИ.
„Дел од гласачите на ДУИ не се задоволни, бидејќи тие се група луѓе кои така постапуваа, дел со сила, дел со присила, дел со материјални бенефити и на тој начин знаат како да победат на изборите. Доколку се обединат албанските партии сметам дека можат без проблем да ги победат ДУИ за еден до два пратеника повеќе“, вели Селмани за Радио слободна Европа.
Дали ДУИ ќе биде детронизирана и на наредните парламентарни избори по две децении да замине во опозиција е можно само со обединување на БЕСА, Алтернатива и Алијанса за Албанците со заеднички пратенички листи, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
„Не смееме да ја заборавиме Алијанса, иако таа потфрли сега во Тетово, се уште е втора партија по големина кај етничките Албанци. Она што може да го загрози ДУИ е коалиција меѓу БЕСА и Алтернатива, затоа што БЕСА е сега да кажеме силна во Тетово, додека Алијанса има градоначалник Гостивар. Така што, ДУИ може да биде загрозено само ако опозициските партии се здружат и направат заеднички политички опозициски фронт“ вели Божиновски.
Дополнително во игра на наредните парламентарни избори е и прашањето за почитување на таканаречениот „мајски договор“ од 2007- ма година, според кој владата ја сочинуваат партиите-победнички во двата етнички кампуса.
За Божиносвки овој договор „умре“ со коалицијата на ДУИ и СДСМ во 2017 година, што значи дека и остава простор на партијата која ќе освои повеќе пратенички места да го избере својот партнер во владината коалиција.
Според него, ако на изборите вкупниот број на пратенички места од албанскиот опозициски блок е барем приближно близок до бројот на пратеници на ДУИ, можни е и таа опција.