Денеска истекува и рокот за препораките во однос на спорното име и содржината на клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) минатиот месец утврди дискриминација по основа на национална и етничка припадност во врска со формирањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов” – Битола.

Седиштето на Клубот беше отворено годинава во строгиот центар на Битола, чин што ја разбранува јавноста, но и институциите, поради спорното име и содржините објавени на социјалните мрежи.

„Клубот не ги отстрани ни спорните содржини од социјалните мрежи иако рокот за тоа истече, а денеска истекува и рокот за останатите препораките во однос на името и содржината, па доколку не постапи по нив, следува прекршочна постапка„, порачаа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната прес-конференција.

Како што информираа оттаму бидејќи истече рокот за отстранување на содржините на социјалните мрежи за кои е утврдено дека освен што шират вознемирувачки говор во кој се величаат ликот, делото и идеологијата на Михајлов, постојат и сериозни индиции дека имаат расна и ксенофобична содржина, предизвикуваат нетрпеливост, омраза и дискриминација и го повредуваат правото и слободата на поголем број на луѓе, сега понатамошната постапка ја води Основното јавно обвинителство.

Членот на Комисијата, Весна Бендевска потенцира дека иако имаат право да поведат прекршочна постапка, сепак решиле тоа да го препуштат на Основното јавно обвинителство, кое побарало од нив до достават информации и копии од спорните содржини објавени од страна на клубот на социјалните мрежи.