Група роднини на Израелци земени како заложници од милитантите на Хамас упаднаа во понеделникот на состанокот на парламентарната комисија во Ерусалим, барајќи од пратениците да направат повеќе за да се обидат да ги ослободат своите најблиски, јави Ројтерс.

Околу 130 израелски заложници остануваат држени во Газа, откако другите беа однесени дома за време на прекинот на огнот во ноември.

„Само еден би сакал да се врати жив, барем еден од тројцата! скандираше жена демонстрант откако ја прекина дискусијата на Комитетот за финансии во Кнесетот.
Другите демонстранти, облечени во црни маици, држеа натписи на кои пишуваше:

„Нема да седите овде додека тие умираат таму.

„Пуштете ги сега, сега, сега! скандираа демонстрантите.

Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ги отфрли условите изнесени од Хамас за прекин на војната и ослободување на заложниците – целосно израелско повлекување и оставање на Хамас на власт во Газа.

„Во замена за ослободување на нашите заложници, Хамас бара прекин на војната, повлекување на нашите сили од Газа, ослободување на сите убијци и силувачи“, се вели во изјавата на премиерот. Категорично ги отфрлам условите за предавање на чудовиштата на Хамас, рече Нетанјаху.

Откако израелските авиони продолжија да го бомбардираат Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави за Ројтерс дека одбивањето на израелскиот лидер да ја прекине воената офанзива во Газа значи дека нема шанси за враќање на израелските заробеници.