Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Стефан Ристовски, му помогна финансиски на својот матичен клуб Вардар пред второлигашкото дерби со лидерот Воска в недела од 16 часот на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
„Фудбалскиот клуб Вардар јавно искажува благодарност до капитенот на македонската фудбалска репрезентација, ‘вардаровото дете’ Стефан Ристовски, за несебичната помош и поддршка за својот матичен клуб благодарение на која експедицијата на Вардар ќе замине во карантин пред претстојниот важен натпревар во недела, каде во мир и соодветни услови ќе се подготвува за предизвикот кој ги очекува.
#ЕденЖивотЕднаЉубов“, се огласи најтрофејниот македонски фудбалски клуб во пресрет на дуелот на двете првопласирани екипи во Втората лига, во која по 24 одиграни кола води Воска со 59 бода, три повеќе од Вардар, чии играчи и тренери 12 месеци немаат земено плата.
Десниот бек Ристовски (31), кој неодамна го продолжи договорот со Динамо Загреб, а за Македонија има 80 настапи и два гола, своите први фудбалски чекори ги направи токму во дресот на „црвено-црните“, за кои од 2008 до 2010 година одигра 17 натпревари и постигна еден погодок.
