Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски, е оптимист за баражот за Светското првенство во Катар.

„Ги имаме уште тие два натпревара… Мислам дека е можно да одиме во Катар, ние сите веруваме во тоа. Има еден проблем, поради парни картони нема да може да игра Елмас (и Костадинов – н.з.). Но, ќе ни се врати Аријан Адеми, а тој многу ни значи. Само до разигрувањето да бидеме живи и здрави, тогаш и тоа како е можно по Европското првенство да се пласираме и на светската смотра“, изјави фудбалерот на Динамо Загреб за хрватскиот весник „Спортске новости“, додавајќи дека „ние имаме квалитет и го заслужуваме овој успех“.

На Ристовски му е посебно мило бидејќи, како што вели, го развеселиле и го обединиле македонскиот народ.

„Сигурно знаете каква е политичката ситуација во Македонија. Политиката постојано нè убива! Народот постојано се дели. Во вакви лоши времиња единствено спортот нè обединува, посебно фудбалот. Затоа толку се радувам, бидејќи во вакви тешки околности барем ние како репрезентација го развеселивме македонскиот народ. Мислам дека не е претерано да се каже дека нашата репрезентација го обедини македонскиот народ! Колку-толку…“, вели 29-годишниот десен бек со 74 настапи и два гола за македонскиот национален тим.