Срамната арбитража на Рамеш и Суреш Тијагараџах од Германија на натпреварот со Норвешка на стартот од 10. Светско првенство за кадети во Хрватска не остана без реакција од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), која вложи официјална жалба до Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Фаворитот Норвешка славеше со 27:25 со обилна помош од судиската двојка, која им покажа директни црвени картони на македонскиот селектор Радослав Стојановиќ и на неговиот асистент Бранислав Ангеловски поради приговор за пристрасноста на делителите на (не)правдата во салата „Замет“ во Риека.
Двете исклучувања до 7:21 минута од натпреварот на клучниот играч во македонската одбрана Валентин Карасманакис, како и шесте суспензии по две минути наспроти само едната за противникот во првото полувреме, се само дел од бламажата на Рамеш и Суреш на мечот од групата Ф.
Нивната мизерија од судење има директно влијание за патникот во четвртфиналето, а тоа ќе биде само првопласираната селекција во групата.
Задутре од 19:30 часот „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со Црна Гора, која вечерва го совлада дебитантот Грузија со 34:19.