Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции поднесена во Собранието (ВИДЕО)

Предлог–резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат, денеска беше поднесена во Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“.

„Цениме дека оваа Предлог-резолуција ќе ги зајакне и македонските дипломатски позиции, но исто така ќе влијае и како фактор на сплотување наместо поларизација внатре во македонското општество. Тоа што би сакал денес да го порачам и апелирам, согласно Деловникот секој пратеник има право да се придружи со свој потпис на ваква Предлог-резолуција од моментот кога таа е предложена“ изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Тој ги повикува пратениците на СДСМ, ЛДП, Левица, Алијанса, ДОМ, Демократски сојуз и сите други пратеници, уште од денес да го стават својот потпис и да се придружат на оваа Предлог-резолуција, за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции, за, како што рече, да не се дозволи блокадите и националните понижувања да станат предмет на преговори и „виткање на кичма“ во некој следен период.