Подготвил: Свето Тоевски
„Македонскиот народ и македонскиот јазик никогаш од никого не побарале никакво официјално признавање на нивното постоење. Немало ниту причина да го бараат тоа. Може да се бара признавање за држава, или институција, но не и за народ или јазик. Македонскиот народ еден век и половина води непрестајна борба за афирмација на својот национален ентитет, а во овие рамки и за сопствениот јазик и сопствената култура.“ – ова е еден од клучните ставови во Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање, како службен политички документ, со кој за првпат во меѓународната историја е признато постоењето на македонскиот народ, на македонската национална свест и на македонскиот јазик.
Коминтерната, односно Комунистичката Интернационала, или Третата Интернационала, која ја донесе споменатата Резолуција од исклучителна важност за македонскиот народ, е формирана на 2 март во 1919 година. Коминтерната се залагала за формирање комунистички партии во секоја држава.
Резолуцијата за македонското прашање е усвоена од Извршниот комитет на Коминтерната во февруари 1934 година. Во април 1934 година весникот “Македонско дело” го објавил текстот на резолуцијата. Покрај другото, во документот пишува: „Оваа Резолуција на Коминтерната е несомнено најзначајното меѓународно признание на македонската национална индивидуалност, што имаше многу поволни последици за нејзиниот развој и афирмација. На 11 јануари 1934 година Политичкиот секретаријат на Извршниот комитет на Коминтерната ја донесе својата конечна и историска одлука за македонската нација. Ова беше навистина неизбежно признавање на фактичката состојба, наметната од развојот на самиот македонски народ.“
„Буржоазијата на доминантните нации во трите империјалистички земји, меѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното угнетување, ги негира националните карактеристики и постоењето на македонскиот народ. Грчките шовинисти тврдат дека Македонците се словенизирани Грци. Великосрпските шовинисти го прогласуваат тоа население како за едно од ‘племињата’ на југословенската нација и го подложуваат на насилно посрбување. Бугарските шовинисти велат дека Македонците се Бугари и на тој начин сакаат да ги оправдаат освојувањето на Петрич и анексионистичката политика во однос на цела Македонија.“
„Единствена и независна Македонија е политичкиот идеал на целиот македонски народ кон кој отсекогаш се стремел и кој произлегува од неговото право на национално самоопределување, вклучително и отцепување. Како заклучок можеме да кажеме дека македонскиот национален развој беше способен да да одржи линија на целосен континуитет. Во својата автентична борба за национална афирмација Македонците најдоа поединци и организации, кои им нудеа драгоцена поддршка, но Резолуцијата на Коминтерната во почетокот на 1934 г. е несомнено најважниот чин, кој придонесува за меѓународна афирмација на македонскиот национален идентитет.“
„Тоа му даде нова димензија на македонското националноослободително движење, што доведе до целосно етаблирање на македонскиот како литературен стандард, на македонската литература на мајчин јазик и на македонската нација и култура во сите нејзини аспекти. Резолуцијата е документ, кој ја признава реалноста на македонската национална свест и помогна на ефективен начин таа да се афирмира.“ – наведува во завршниот дел на оваа Резолуција за македнското прашање.
Бугарскиот филолог Кирил Топалов, како историчар и член во во бугарскиот дел на Заедничката Бугарско-македонска историска комисија, во едно свое интервју за бугарскиот медиум БГНЕС во 2021 година изнесе тотални фалсификати за современата македонска историја и создавањето на современата македонска држава. Во обид да „докаже“ дека „Македонците и Бугарите се еден народ со заеднички јазик до 1944 година кога настана Југославија на чело со Тито“, Топалов се осврна токму на бележитата Резолуција на Коминтерната за македонското прашање и рече: „Коминтерната ја создала македонската нација и држава. Георги Димитров му ја продаде Македонија на Тито, Коминтерната ја создаде оваа хипотеза за ’македонска нација и држава’.“
Според овој бугарски квазинаучник и фалсификатор на историските вистини, „Коминтерната работела со полна енергија на создавање на оваа држава на антибугарска основа.“ Но, добро е Топалов да ги прочита, покрај другото, и научните записи на неговиот сонародник Петар Драганов па да ја согледа македонската вистина, а не да лаже за Коминтерната, за нејзината Резолуција и огромен број други научни докази за постоењето на македонскиот етнос, македонскиот идентитет и македонскиот јазик во Пиринска Македонија и воопшто на целата македонска етнојазична територија, распарчена и приграбена во најголемите делови од Бугарија и Грција.
Петар Драганов е славист, филолог и историчар. Завршил историја и филологија на универзитетот во Санкт Петербург, Русија. Бидејќи бил Бугарин по националност, бугарската црква (Егзархијата), го повикува Драганов да работи како професор во Солунската машка гимназија, заради ширење на бугарска пропаганда меѓу учениците-Македонци кои учеле во Солун. Драганов доаѓа во Солун и од 1885 до 1887 работи како професор во машката гимназија.
Кога дошол во Солун Драганов бил приврзаник на бугарскиот став за Македонците, односно пораснал со лажната бугарска историја, со која бил школуван, дека Македонците се Бугари. За време на предавањата, Драганов почнал да го истражува македонскиот идентитет и барал од своите ученици – Македонци, да му носат и запишуваат песни, раскази, преданија, од сите делови на етничка Македонија. После двегодишните обемни етнографски истражувања, кои ќе ги направи во Македонија, Драганов ќе изгради сопствен став за етничкото потекло и културниот идентитет на Македонците.
Според Драганов, Македонија е посебна етнографска целина на Балканот и македонските говори (дијалекти) се дел од посебен македонски јазик, а Македонците се посебен народ. Поради ваквите негови ставови кои биле во директен судир со бугарската пропаганда, Бугарите веднаш го враќаат Драганов дома. Откако ќе се врати назад, Петар Драганов преку бројни написи и предавања ќе ги постави темелите на македонистиката во Русија. Драганов своите согледувања за етнојазичната посебност ги изнесува и во книгата со наслов „Македония и македонците. I: Македонски славянски сборник / Петър Драганов“
Како доследен македонолог и основоположник на македонистиката во Русија, афирматор на македонската национална свест, на македонскиот јазик и литература, на македонскиот фолклор и етнографија и на македонската историја и култура на крајот од 19 и почетокот на 20 век, Драганов им порачал на сите, како што се изразил, „свињари“, кои жестоко го напаѓале: „Мeѓу Македонците има очајни бугаромани и очајни србомани, но има и таканаречени автономисти и автохтонисти коишто велат дека [Maкeдонците] никако не се дел од големите идеи на Симеон Бугарски и на Душан Српски. Наведувам многу докази дека Србите и особено Бугарите го презираат ова наречје, а мене ме напаѓаат затоа што не се однесувам со почит и верба кон нивните големи политички идеи и дека како да препорачувам некаква посебна македонска литература… Тие свињари не знаат дека литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт и не ја измислив јас. Па зарем јас го отпечатив зборникот на Миладиновци (не е важно што Хрватите во Загреб го нарекоа „блгарски“, со глупото и неумесно Ѫ), зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партеније Дебарски?“
Како одговор на нападите и дека „недоволно бугарофилствувал“ и оти „го продал бугарското дело“, Драганов возвратил со ставот дека тој „многу го сака тоа македонско наречје“, нагласувајќи го и следново: „Некои Македонци-србомани на чело со М. Веселиновиќ ме клеветеа во печатот дека, наводно, во Солун примерите од српската народна поезија што ми биле доставувани сум ги преправал на бугарски начин… Некои бугарски автори со егзархиските пропагандисти во Македонија констатираа (исто така преку печатот) дека јас, како чист Бугарин по потекло, малку или недоволно бугарофилствувам…, некои дури и заклучија дека јас лошо се однесувам како Бугарин и дека сум го продал бугарското дело. Голем дел од тоа што јас веќе го имам отпечатено за македонското наречје… и што уште имам намера да отпечатам за тој предмет, јасно покажува дека јас многу го сакам тоа наречје, му пожелувам, спротивно на српските и на бугарските желби, долготрајност и, ако сакате, литературен развој.“