Резилот и (не)хуманоста на вицепремиерот за корупција – пишува Горан Момироски

“А ти, кога даваш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, за да биде твојата милостина во тајност; и тогаш, твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.“
6, 3-4

Сигурен сум дека вицепремиерот за корупција не ја читал Библијата и оваа суштинска порака од Матеј до хуманите луѓе. Но очекував дека тие што му ја организираат пропагандата имаат барем малку чувство за реалност.

Дотерани по најнова мода, еден месец по враќањето од ултра скапиот светски шопинг центар Дубаи каде беа на продолжен викенд кој чини најмалку 5 пати повеќе од нивните донации вицепремиерот за корупција и криминал Љупчо Николовски и неговата сопруга организираа донаторски настан и предизвикаа гнев кај мене но според коментарите и кај многу луѓе на социјалните мрежи кои не веруваат во лажната хуманост.

Гневот е најголем кај тие што и од предходно едвај врзуваа крај со крај и кај тие 55 илјади луѓе што последнава година поради кризата и неспособноста на владата останаа без работа и на своите деца не можат да им купат ни лекови а не да донираат илјадници вредни апарати на здравството за кое со децении плаќале придонеси

Сите тие не само што не можат да го послушаат повикот за донација од Вицепремиерот што оди на продолжени викенди во најскапите светски центри туку едвај преживуваат до крајот на месецот.

Дел од нив, меѓу нив и јас, се чудат од каде му на вицепремиерот Николовски пари за краток период да оди во Дубаи на продолжен викенд и да плати за донацијата за Детската клиника. Да бевме држава тоа веднаш можеше да го утврди МВР, обвинителството или Антикорупциската комисија.

Треба да се гневни и луѓето во кабинетот на министерот Филипче кои по донацијата на Николовски и сопругата излегуваат неспособни да обезбедат респиратори за лечење на пациентите во детската клиника.

По донацијата – пропаганда на Николовски неспособни дури можеби и корумпирани излегуваат и луѓето во фондот за здравство кои не обезбедиле доволно респиратори за најмладите граѓани што се лекуваат на Детската клиника.

Ако не обезбедиле некој треба да одговара кривично затоа што го загрозил лечењето на најмалите.

Ако пак обезбедиле зошто Николовски донира токму ваков вид медицински апарати.

Колку на Николовски му е важен овој пропаганден настан се гледа од начинот на кој гледа во фотоапаратот на тој/таа што предходно договорено или демек случајно го фотографира на паркингот пред Детската клиника.

Николовски гледа право во камерата која што ако беше навистина хуман немаше да ја организира воопшто. Напротив ќе отидеше сам со сопругата ќе донираше и никој освен господ и тие кои ја добиваат донација немаше да знае за неговиот човечки чин.

Како што прават вистински хуманите луѓе без да сакаат да купат внимание и благодарност за хумана постапка.

Општо познато правило меѓу вистински хуманите луѓе е тие да не се фалат со своите донации особено не кон деца затоа што некој (читај сите) може да помисли дека сакаат да заработат политички поени на грбот на малите пациенти.

“Денеска, со нашата скромна донација, два аспиратора за Универзитетската Клиника за Детски Болести, ја изразуваме поддршката и благодарноста до здравствените работници за нивната посветеност, несебична грижа и неуморна борба за секој човечки живот.

Искрено веруваме дека во овие моменти кои ги наметна светската пандемија ќе ја олесниме работата на здравствените работници и лекувањето на децата хоспитализирани на оваа клиника.

Чувството да се помогне е непроценливо, нѐ прави уште посреќни и позадоволни!
Во овие тешки денови, ве повикувам, да бидеме хумани и солидарни, секој во рамките на своите можности”, напиша Николовски и предизвика гадење од неговата јавна фалба и помисла дека некој навистина ќе помисли дека е хуман и добар човек затоа што се пофалил дека донирал.

Посебен проблем на Николовски е неспоменувањето на името на неговата скапо и стилски облечена сопруга во јавната објава.

Дали Николовски со тоа што не ја споменува со име сака да каже дека само тој ги дал парите за пропагандната донација.

Дали сака да каже дека тој е главата во семејството а сопругата е неважна.

Или сака да ни каже најдиректно дека донацијата и сликањето се со цел политичките поени и гласови за него а не и за сопругата која не е дел од политиката.

Кога веќе организирал сликање и ја покажал во јавноста очекував да не ја навредува со неспоменување на нејзиното име затоа што ако веќе и таа учествувала во донацијата, колку и да е направена со политичка умисла, има право да и се спомене името.

Вака може да помислиме дека вицепремиерот сопругата ја повикал за да му помогне во доставата или за да и ја видиме новата гардероба од Дубаи

Тоа што со пропагандната акција Николовски го понижи Филипче кој излегува дека ги оставил децата без респиратори е внатрепартиска тема во СДСМ.