Државниот завод за ревизија нема надлежност да го испита работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, затоа што само мал дел од буџетот таму е финансиран од државата: само 359 илјади евра од Буџетот, што е незначително во споредба со 6,3 милиони евра доделени како грант од ЕК.
Ова синоќа во интервју за 360 степени го соопшти Максим Ацевски, главниот државен ревизор, во врска со директорката на Националната агенција Лидија Димова и доделените спорни грантови кои наидоа на осуда во јавноста.
Владата во моментов бара од Управниот одбор на Агенцијата да ја разреши.
„Побарав да се направи целосна анализа за вкупните приходи, расходи, средства доделени од ЕУ. Констатирано е дека агенцијата располага со 13 сметки и во суштина од Буџетот за 2019 година добила некаде околу 359 илјади евра. Врз овие пари ДЗР има мандат да изврши ревизија.
Но, оние средства кои беа посочени од Еразмус+ го обезбедивме изворниот договор склучен помеѓу агенцијата и ЕК. Во тој договор јасно пишува кој има мандат да прави ревизија, односно тоа е Европската канцеларија за борба против измама ОЛАФ или Европскиот суд за ревизија. Во еден од параграфите на тој договор пишува „или некоја друга институција доколку ЕУ пренесе мандат“. Во овој случај, ако ЕК пренесе мандат и право да извршиме ревизија ние со задоволство би го направиле тоа.
Меѓутоа во услови каде имаме ограничување на мандатот и каде јасно пишува кој може да врши ревизија врз тие средства ние не можеме да извршиме равизија без разлика дали некој не прозива“, рече Ацевски синоќа во студиото на Алсат ТВ.