Никос Мерѕос, грчки писател, историчар, новинар, поранешен советник на неколку грчки премиери и поранешен претседател на грчкото „Друштво за македонски студии“повикува да се реши проблемот, а неговиот став се поклопува со оној на грчката влада – договор со сложено име. 

„Потребно е да се најде решение. Точка. Ова требаше да се заврши уште во 1992-1993. Тогаш јас разговарав со Глигоров, бевме многу блиску, вели Мерѕос во  разговор со дописничката на МИА од Атина.

Тој смета дека „треба да најдеме решение и едниот народ да не го навредува другиот. Особено посилниот да не го навредува послабиот, но и послабиот да покаже разбирање, да покаже вистинско пријателство. Јас сум сигурен, убеден сум, од она што го имам поминато во животот, дека ако се постигне договор, со чесен договор, за 20 години нема да постојат никакви двоења“

Мерѕос во изминатиот период, преку текстови и обраќања во Грција повикува да се реши проблемот со името.

„Решението треба да биде со сложено име. Ние викаме Македонија е грчка, јас сум Македонец – Грк, Борисов е Македонец – Бугарин. Има Евреи – Македонци. Вие сакате монопол, само-идентификувајте се како што сакате, но да се разликува еден од друг, вели Мерѕос во разговор со дописничката на МИА од Атина.