Откако македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Софија спомна опција за името што била прифатлива и за Грција, почна да кружи досега непромовираниот предлог „Република Илинденска Македонија“, кој, според дипломатски извори, бил понуден од македонска страна.

Таквото име, наводно, би било и за внатрешна, и за надворешна употреба, значи ерга омнес, како што бараат Грците, за што би биле извршени промени и во македонскиот Устав, а тоа би било запишано и во Обединети нации.

За оваа информација што се рашири низ македонските средства за информирање засега нема ни потврда, ни демант ни од македонска, ни од грчка страна.

Шпекулацијата попладнево ја лиферува порталот А1он.мк, а ја спомна и телевизија Сител во својот централен „Дневник“.