Со гол постигнат три секунди до крајот, женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години ремизира 20:20 со Шведска и стигна на чекор до четвртфиналето на Светското првенство во Скопје!

За тоа ќе ѝ треба барем бод и против Исланд во последното коло од главната фаза в петок или подобра гол-разлика од Швеѓанките, кои ќе играат со аутсајдерот Иран.

Исланѓанките водат во групата 1 со 4 бода, пред Македонија со 3, Шведска со 1 и Иран без бодови. Македонија има гол-разлика +12, а Шведска -5.

Селекторот Љубомир Савевски побара тајм-аут веднаш по примениот гол од Ема Михаиловиќ 17 секунди до крајот, а три секунди пред последниот звук на сирената стружанката Дукоска од десно крило го погоди десниот горен агол од голот за ерупција од одушевување во СЦ „Борис Трајковски“.

Голманката Марија Јовановска беше прогласена за најдобар играч на мечот за своите 11 одбрани, а најефикасна во македонскиот тим беше Ива Младеновска со 5 гола од 10 обиди.