Младински работник е нова професија која зема сѐ поголем замав во Македонија. За неа уредниците на Работник.ком.мк, разговараа со Драган Атанасов, Генерален секретар на Сојузот за младинска работа.

Работник: Со што се занимава Сојузот за младинска работа?


Атанасов: Сојузот за младинска работа се занимава со сите процеси поврзани со воспоставување на младинската работа, како професија и како поддршка на сервис за младите во нашата земја. Тоа значи дека работиме на признавање, познавање, професионализација и стандардизација на младинскиот работник во Македонија. Сите здруженија коишто се членки на Сојузот за младинска работа, 18 во моментов, спроведуваат програми за поддршка на младите. Заедно сме здружени, за да лобираме тие програми да бидат препознаени и да бидат поддржани на национално ниво, за да се поддржи адекватна обука, тренинг и квалификации на лицата кои работат со млади како професионалци. Работиме и на нивно препознавање на пазарот на трудот и обезбедување на соодветен систем за поддршка на младинските работници, а и за младите кои се корисници на програми за младинска работа.

Драган Атанасов

Работник: Значи, младински работник е професија којашто подразбира работа со млади во контекст на нивно напредување во повеќе области, меѓу другото, претпоставувам, и на пазарот на труд, Нешто слично како кариерен советник, но за млади…

Атанасов: Тоа е еден од аспектите. Има многу повеќе. Младинскиот работник, според Законот за младинско учество и младински политики, дефиницијата е дека е квалификувано лице кое поседува компетенции за работа со млади луѓе, преку спроведување на активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој, преку неформално и информално учење. Тоа значи дека се поддржува развојот на различни компетенции кај младите – лични вештини, вредности, различни знаења од различни области. Тука, меѓу другото, влегува и поддршка на младите за стекнување на вештини за вработување, самовработување, позиционирање на пазарот на труд…

Младински работник е професија која им обезбедува помош на младите, слично на социјален работник, педагог, психолог, наставник… и претставува интердисциплинарна професија, бидејќи предвидува поддршка од различни аспекти на младата личност.

Работник: Каков вид на образование е потребно за оваа професија?

Атанасов: Според националното портфолио коешто е креирано заедно со Агенцијата за млади и спорт, има неколку нивоа на младински работник. За првото ниво, оној којшто работи наједноставни задачи поврзани со поддршка на младите кој се нарекува работник со млади, доволно е да има завршено верифицирана програма за стручно образование на возрасните. Тоа е програма којашто трае четири месеци и е акредитирана од страна на Центарот за стручно образование за возрасните. Со учество во таа четиримесечна програма за неформална едукација, лицето се стекнува со звање работник со млади и добива сертификат којшто е препознаен од Министерството за образование.

За повисокото ниво, постојат магистерски студии по младинска работа на Филозофскиот факултет во Скопје. Лицето коешто би имало покомплексни задачи, на пр. планирање на програми за младинска работа, менаџирање и управување со младински центар итн., потребно е да има звање магистер по младинска работа.

Работник: Од кога постои таква насока на магистерски студии на Филозофскиот факултет?

Атанасов: Од оваа година се воведува. Првата генерација на студенти ќе се запишат во септември, а ќе започнат со студии во октомври, што значи дека ова е една нова кариерна можност за младите кои сакаат да работат во таа област, да се насочат кон помагање на другите млади лица во нивниот личен и социјален развој преку неформална едукација.

Работник: Има ли интерес од страна на младите за оваа професија?

Атанасов: Има интерес од оние млади кои веќе се вклучени во невладини организации, затоа што нив им е најблиска таа дејност. Најпознато им е што значи младинска работа и поддршка на млади. Има интерес и од студенти коишто студираат социјална работа, бидејќи тоа за нив, на некој начин, би била специјализација. Преку дополнителна промоција се надеваме дека и други млади луѓе ќе бидат заинтересирани за оваа професија. И не само млади, младинскиот работник може да е и возрасен – може некој и до пензија да биде младински работник. Што значи дека и оние повозрасни лица коишто би биле заинтересирани да се насочат во таа област, можат да се запишат на студиите.

Работник: Како е оваа професија законски регулирана?

Атанасов: Основата за законско регулирање на оваа професија е во Законот за младинско учество и младински политики од 2020 година. Таму постои дефиниција за младинска работа и младински работник, постои дефиниција што се младински центри, а постои и обврска општините да формираат младински центри. Во самиот Закон пишува дека во младинските центри работат младински работници. Така што, законската основа е таму, меѓутоа, во моментов во соработка со Агенцијата за млади и спорт, Владата и Собранието подготвуваме Закон за младинска работа со којшто подетално ќе регулира како се спроведува младинската работа, како и каде се вработуваат младинските работници и други аспекти. Во новиот Закон, професијата ќе биде малку подетално опишана и истиот се надеваме дека ќе биде донесен оваа година.

Работник: Колкава плата отприлика земаат младинските работници?

Атанасов: Тоа е малку комплексно прашање, од причина што не постои стандардизиран пристап за одредување на плата. Во моментов, младинските работници се вработени само во невладини организации и во младински центри коишто ги водат невладините. Тука платата ја одредува здружението каде што работат. Бидејќи работат во непрофитен сектор, здружение, тие плати не се многу високи затоа што зависат од финансирање од општините и проекти. Една од наредните битки ќе биде да се обезбеди подобар статус и посоодветни примања за тие младински работници. Очекуваме дека магистрите по младинска работа, ќе земаат подобри примања, од причина што тие би требало да бидат вработени, на пр. во единици на локалната самоуправа, државни органи, се надеваме и во училишта. Тоа ќе зависи од преговорите со Министерството за финансии и другите релевантни актери, за прво да се обезбедат работни места коишто се соодветни на профилот, а потоа и финансиски средства за покривање на платите на младинските работници. Тоа е битка којашто допрва ќе се води, а започнува сега со отворањето на студиите за младинска работа.

Работник: А иселувањето на младите…

Атанасов: И тоа е една од важните работи коишто ги имаме предвид, затоа е важно да се работи на воспоставување на систем за поддршка на младите. Се надеваме дека ќе има политичка волја и интерес да се инвестира во ова поле. Засега има, бидејќи се носат и закони и се поставува систем, а и веќе има 7 општини во државата кои поддржуваат младински центри, каде што ќе работат младински работници. Во согласност со Законот, секоја општина треба да поддржи барем по еден младински центар, што значи дека тоа се дополнителни работни места за младинските работници во сите општини, доколку се спроведе Законот, одговорност им е на оние кои се надлежни за Законот да го спроведат истиот, а одговорност на сите нас е да вршиме притисок и да нудиме поддршка тој Закон да може да биде спроведен.

Работник: Дали во регионот и во Европа постои професијата младински работник?

Атанасов: Во регионот, ние заедно со Србија сме први во овој процес. Другите земји, во моментов, учат од нас – од она што е направено досега. Инаку во многу земји од Европа постои професијата, а дел од нив се Германија, Ирска, Велика Британија и други. Има и земји кои се слични на нашата, како Естонија, Латвија и Словенија. Има повеќе земји каде што функционира ова, но во нашиот регион, ние сме една од најнапредните земји во ова поле.

Оргиналното интервју за Работник на следниот линк:

https://rabotnik.com.mk/%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%84%D0%B5%D1%81%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B5-%D1%80%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%BD%D0%BE-%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D0%B2%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D0%BA/?fbclid=IwAR37VYJoVFbDG94lmHn49tLKizPEC_i9JcZYPv_Z6ZIOv0dmC2z0UxSc-Lg