
Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и поранешен министер за надворешни работи на Германија, во Скопје потврди дека и Берлин сериозно размислува за реформа на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство во Европската унија.
Според влијателниот германски дипломат, ова се двете најважни реформи што се неопходни:
Прво, за отворање на преговорите и за отворање и за затворање на индивидуалните поглавја, во иднина, треба да се одлучува со квалификувано мнозинство во Советот на министри. Не со консензус, не со закани од вето. Повикувајќи се на своето искуство на министерско „коленичење“ пред француската и пред бугарската дипломатија, токму во врска со македонското прашање, Рот јасно и отворено кажа што е целта на германскиот предлог: „Недозволиво е само една земја членка или две земји членки да ги уценуваат сите останати“.
Второ, чекор по чекор, земјите кандидатки треба да бидат вградени во структурите на ЕУ пред формално да станат членки. Тоа значи дека пред пристапувањето, Унијата треба да оствари уште потесна соработка со земјите кандидатки во клучните области на безбедноста, енергетиката и на инфраструктура и да им овозможи постепено пристапување кон заедничкиот пазар на ЕУ и значително повисока претпристапна финансиска помош.
Предлозите за кои сега зборува претставникот на германската дипломатија се совпаѓаат со ставовите на Французите, кои смело размислуваат за нова архитектура ЕУ, којашто би подразбирала различни нивоа на интегрираност на земјите членки. Тоа е концептот популарно наречен „Европа со повеќе брзини“, кој неодамна го спомна и францускиот претседател Емануел Макрон. Нашите еврохистерици веднаш се обидоа да ја спинуваат таа изјава и да ѝ дадат друго значење, заборавајќи дека за овој концепт во ЕУ се разговара најмалку една деценија и дека за тоа говореле и пишувале многу авторитети, меѓу кои и Владимир Глигоров, синот на поранешниот претседател Киро Глигоров.
Пред околу две недели пишував на оваа тема (линк на крајот на оваа колумна). Ако се сеќавате, во тие денови нашите еврохистерици упорно се обидуваа да го свртат вниманието на јавноста кон темата „уставни измени“, за кои веруваат дека се „најдоброто решение“ што може Македонија да го „добие“, а можеби и „спасоносна“ формула за тоа како Европа треба да се справува со земјите кандидатки кои имаат билатерални спорови со земјите членки – вторите ќе ги блокираат првите со вето, потоа ќе поставуваат услови „без кои не се може“, кои сервилните влади на земјите кандидатки ќе ги прифаќаат како неизбежни.
Да е малата и немоќна Македонија единствениот, или барем најголемиот проблем на процесот на проширување на ЕУ, верувам дека никој посериозно и не би размислувал за реформи, а не пак за нова архитектура на Унијата. Но, вистинскиот проблем на Унијата денес не се аспирациите на Македонија, па ни на земјите од Западен Балкан, туку процесот на пристапување на Украина и на Молдавија. Цената за пристапувањето на овие две земји – политичка, но и економска – Европската унија веќе нема да може да ја сподели со САД. Како што неодамна напиша инспиративниот Варуфакис, Европската унија ја пропушти шансата да оствари „стратегиска автономија во однос на САД“. Тоа значи дека Европа, како што ја плаќа цената на војната во Украина, ќе ја плати и цената на пристапувањето кон ЕУ. А таа, цената, се знае, ќе биде огромна.
Затоа европските лидери и стратези токму овие денови размислуваат за реформи на Унијата, кои треба да му претходат на пристапувањето на новите членки. Би било неодговорно да не размислуваат и да запнат да се секираат за таму некоја Македонија, измалтретирана прво од Грција, а сега уште повеќе од Бугарија, две земји членки на ЕУ кои клучните проблеми на своите економии со години ги решаваат цицајќи од вимето на Унијата.
Како и да е, за нашите еврохистерици од владата на Ковачевски, оваа дебата е лоша вест. Таа ги надминува дострелите на нивната сервилна политика кон треторазредните бриселски бирокфрати. Тие упорно се надеваат дека ќе ја завршат својата „домашна задача“, дека Преговарачката рамка ќе ја прогласат за Библија исклесана во камен и дека со кампањата „Ние сме Европа“, за која ќе потрошат 80.000 евра, ќе ги убедат Македонците дека вака предложените уставни промени се добри и „неизбежни“.
Но, за вистинските еврофили, интензивната дебата за реформи на политиката на проширување на Унијата е добра вест. Би рекол, дури и извонредна. Во секој случај, доаѓа во вистинско време.
Ова е златна шанса Македонија да ја реформира сопствената европска политика и да ја прилагоди на реформските предизвици со кои се соочува ЕУ.
Категорично тврдам дека Македонија треба да ги прифати концептите што се развиваат и во Париз и во Берлин, бидејќи фазното пристапување кон „ЕУ со повеќе брзини“ и преговарачкиот процес за кој ќе се одлучува со квалификувано мнозинство, а не со консензус и со право на вето, за нас буквално би значел силен буст на патот кон Европа.
Дали овие идеи и предлози се спротивни на Преговарачката рамка?
Не.
Дали воопшто треба да се исцрпуваме со барања за менување на Преговарачката рамка?
Не. Реформите на ЕУ сигурно ќе покажат дека таа е тесна и ограничувачка, но таа сепак не е документ што ќе го блокира процесот и во такви околности.
Дали треба да продолжиме да разговараме за уставните промени, за внесување на Бугарите, но и на Хрватите, на Црногорците, на Евреите и на другите во Уставот?
Да, бездруго.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:
https://plusinfo.mk/reformata-na-procesot-na-pristapuva-e-kon-eu-e-strateshki-interes-na-makedoni-a/