Уште грчките филозофи, меѓу кои Аристотел и Платон, го применувале методот „Reductio Ad Absurdum“ (Сведување до апсурд), со кој можеле да иницираат повеќе прашања за да покажат дека конкретниот аргумент и тврдења се погрешни, бидејќи водат до апсурдни заклучоци.

Ваквиот метод применет на доставените предлог заклучоци во Собранието на Р. Македонија за Францускиот предлог, а со кои треба да се легитимира информацијата на Владата и нејзината недонесена одлука (кои беа објавени од Mkd.mk), навистина ги сведува истите до апсурд.

Во првиот и вториот пасус од предлог заклучоците (однапред усогласени пред да бидат доставени), Собранието на Р. Македонија всушност ќе треба да усвои информација на Владата и да одлучи за прифаќање на преговарачката рамка предложена од Француското претседателство на ЕУ (т.н. Француски предлог кој е составен од три составни документи), а која не е усвоена со одлука на Владата во чијашто надлежност е истата!

Со усвојувањето на пасусите 1 и 2 од предлог заклучоците, Собранието автоматски ќе го прифати и билатералниот протокол (иако тој не е споменат, ниту е доставен на увид), бидејќи е интегрален дел од Францускиот предлог и клучен критериум на Бугарија, а со тоа и на ЕУ, а кој станува главен услов за Р. Македонија за почеток на преговорите и за идниот преговарачки процес.

Собранието всушност ќе легитимира билатерален протокол, за кој не ја знае содржината, кој сѐ уште не е потпишан од Владата, бидејќи таква седница не е одржана, однапред легитимирајќи го, исто како и одлуката на Владата, која не е донесена и се сведува на информација врз основа на која Собранието усвојува заклучоци!

Собранието автоматски ќе го прифати и првиот билатерален протокол со Бугарија (потпишан од министрите за надворешни работи на Р. Македонија и Бугарија во јуни и усвоен од Владата во јули 2019 г.), а чијашто имплементација заедно со вториот билатерален протокол (невидениот но веќе усогласен и договорен од Владата, кој чека поддршка од Собранието за да биде потпишан), де-факто стануваат критериум за преговори и услов за влез во ЕУ.

Истото се однесува на договорените формулации во мешовитата комисија за историски и образовни прашања за средновековната епоха, кои се составен дел од првиот билатерален протокол, а кои со одлука на Владата од јули 2019 г. се прогласени за „историска вистина“, која ќе мора „јасно да се одбележува“ при идните заеднички чествувања со Бугарија како „заедничка историја“.

Иако уставните промени не се споменуваат во доставените предлог заклучоци до Собранието, истите се содржани во Францускиот предлог кои како услов за вистински почеток на преговорите го поставуваат внесувањето на Бугарите во уставот како „народ“, што повлекува дополнителни импликации.
Собранието ќе се сведе на декларативно констатирање (со прифаќањето на третиот пасус од предлог заклучоците), дека јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како „елементи“, „не се дел од преговарачкиот процес за полноправно членство на Р. Македонија во ЕУ“.

Иако, веќе е јасно дека историските и образовните прашања недвосмислено се дел од преговорите со Бугарија (договорени за средновековието со првиот протокол) и како такви стануваат составен дел од обврските за имплементација во процесот на преговори за членство на ЕУ. Со вториот билатерален протокол (кој Собранието го нема на увид, а автоматски го прифаќа), ќе се преговара за сите преостанати историски и образовни прашања од македонската историја, со конкретни рокови и обврски за промена на учебници, читанки, ставање на натписи на споменици, туристички водичи, јавен и медиумски простор …

Собранието всушност ќе го легитимира Францускиот предлог, декларативно констатирајќи дека не се преговара за „особеностите“ на македонскиот народ, иако во предлог заклучоците конкретно не се дефинираат тие особености, а со билатералниот протокол нивното историско ревидирање станува главен услов за почеток на преговорите и клучен критериум и мерило за преговaрачкиот процес.

Собранието (пасус 4 и 5) всушност остава на Владата преку преговарачкиот тим во иднина да интерпретира што се „елементи“ и „особености“ и да преговара за истите, односно да проценува како истите ќе ги почитува. А притоа во предлог заклучоците се констатира дека за идентитетските прашања не се преговара!

Доколку историјата и образованието не се идентитетски прашања, се поставува прашањето што го сочинува и дефинира идентитетот на еден народ и јазикот на кој говори? Дали тоа е едностраната декларација за македонскиот јазик, во која Владата ќе наведе дека јазикот е кодифициран во 1945 г., од што согласно со бугарската еднострана декларација ќе произлезе дека не постоел пред тоа, бидејќи бил „бугарски“ дијалект и вештачки бил создаден од Тито, исто како и македонскиот народ и македонската нација?!

Во пасусот 4, се споменува само Владата за која се нотира дека ќе го задолжи преговарачкиот тим за водењето на преговорите со ЕУ. Оттаму, на владиниот преговарачки тим (што ја вклучува и комисијата за историски и образовни прашања) ќе му се остави да процени по свое видување, што би претставувало „достоинство и посебност на македонскиот народ“.

Во пасусот 5, повторно не се споменува Собранието, туку само се нотира дека владиниот преговарачки тим треба да процени дали „целосно се постапува врз основа на Резолуцијата на Собранието од 29 јули 2021 г.“ и дали целосно и континуирано ги застапува и почитува „консензуално прифатените позиции за особеноста на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската национална, културна, историска и духовна засебност“.

Тоа создава простор за различно интерпретирање за тоа што претставуваат „особености“, „засебности“, „елементи“ на идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик, за кои „не треба да се преговара“. А во суштина за нив веќе се преговара и договара, а со Францускиот предлог преку билатералниот протокол, како составен дел, преговорите за историјата на македонскиот народ и македонската нација стануваат главен критериум во преговорачкиот процес и клучен услов на Бугарија за иден влез во ЕУ!

Примената на методот Reductio Ad Absurdum во контекст на убедувањата на државното раководство дека Францускиот предлог содржи „чист“ македонски јазик и не ги содржи како услов билатералните историски и образовни прашања, ги наметнуваат следните прашања кои повторно водат до апсурд:
Kако се тврди дека нема да се преговара за билатерални историски и образовни прашања, кога со прифаќањето на Францускиот предлог, истовремено се прифаќаат сегашните и идни билатерални протоколи, а во чиишто главен фокус се ревизијата на македонската историја и учебниците?!

Билатералните протоколи преку точка 5 од „Преговарачката рамка“ стануваат составен дел од преговарачкиот процес, вметнати како критериум во „годишните прегледи и мерки за ефективно спроведување (на Договорот со Бугарија) според член 12“. Воедно, во точка 3 од „предлог заклучоците“ и во точка 14 од „Заедничката позиција за одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, ЕУ го „поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана според членот 12 од договорот“ со Бугарија.

Владата всушност се обидува да манипулира со формулацијата „преговарачка рамка“ во предлог заклучоците, со цел да создаде привид дека историските и образовни прашања не се вклучени во преговарачкиот процес. Меѓутоа, во суштина автоматски се прифаќаат сите документи кои се интегрален дел од Францускиот предлог (Преговарачката рамка, Заклучоците на Советот на ЕУ и Заедничката позиција на ЕУ за првата меѓународна конференција)!

Неспорно е дека формалниот (но не вистинскиот) почеток на преговорите, ќе биде условен со потпишувањето на билатералниот протокол, кој преку преговарачката рамка и заклучоците на ЕУ стануваат составен дел од преговарачкиот процес.

Како историските и образовните прашања не се дел од преговарачкиот процес, кога самиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, призна дека ветото на Бугарија ќе зависи од договорите во комисијата за историски и образовни прашања?! Односно од проценката на Софија дали договорените формулации одговараат на нејзиното видување на „заедничката историја“ и ги рефлектираат ставовите на бугарската национална историографија!

Како нема да има преговори за историските, а со тоа и на идентитетските прашања, кога претседателот на државата, Стево Пендаровски, призна дека Бугарија ќе стави вето, доколку не се променат македонските учебници по теркот на Софија?!

Како македонскиот јазик е „чист“, кога Собранието со усвојувањето на Францускиот предлог, ја прифаќа (на невидено) и едностраната декларација на Бугарија како земја членка со која се негира македонскиот јазик, која не случајно е поместена како прва во преговарачката рамка пред едностраната декларација на Р. Македонија?!

Како е „заштитен“ македонскиот јазик, кога е сведен на еднострана декларација на Р. Македонија (невидена од страна Собранието), со која нема да се прави оградување од бугарската еднострана декларација, туку само ќе ја надополнува (како втора по след) со декларирањето за кодификацијата на јазикот во 1945 г. без споменување на историската генеза и посебност пред 1945 г. (Судејќи според Португалскиот предлог, кој веќе го прифатија државното раководство и најверојатно истоветно ќе се преслика во Францускиот),

Како македонскиот јазик е „чист“, кога во билатералниот протокол истиот ќе биде дефиниран согласно со „уставот на Северна Македонија“?!

Како македонскиот јазик е „заштитен“, кога со билатералните протоколи се условува промената на неговата историска генеза, што во суштина ја определува неговата идентитетска содржина, посебноста и различноста од бугарскиот јазик?!
Како македонскиот јазик е „чист“, кога не постојат гаранции дека ќе биде прифатен како официјален на ниво на ЕУ при затворањето на сите кластери?!

Како се „гарантира“ посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, кога се условува промената на историјата и врамувањето во концептот на „заедничка историја“ со Бугарија, со што истите добиваат „бугарски“ карактер?!

Како е „загарантиран“ македонскиот идентитет и македонскиот јазик, кога самите лидери на земјите членки на ЕУ искрено им се обраќаат до Македонците како народ (не како нација) дека „тоа што се бараше е премногу“, дека „дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен“, бидејќи е условен со „болни отстапки“ и „тешки компромиси“ („Обраќање на германскиот канцелар Олав Шолц до Северна Македонија“)?!

Како е „заштитен“ идентитетот на македонскиот народ, кога отсуството на реципроцитет за признавање на правата на македонското малцинство во Бугарија во контекст на уставните промени, ќе значи признавање дека македонскиот народ историски не постоел и не постои, односно со Францускиот предлог се сведува на еднострано декларирање (како и јазикот), што во крајна линија го прави вештачки конструкт од 1944 година, кој денес егзистира само на територијата на Р. Македонија и аналогно на тоа е современ продукт кој претстои да биде историски и идентитетски ремоделиран во согласност со политичките договори со Грција и Бугарија?!

Како е „заштитен“ македонскиот идентитет, кога Македонците на ниво на ЕУ ќе се сведат на преседан, кои како безимена нација, ќе бидат третирани како народ со еднострано декларирана само-определба, чијашто историја и идентитет претстои да се промени во согласност со бугарскиот национален наратив, како клучен услов за идното членство во ЕУ?!
Како е заштитен македонскиот идентитет, кога Бугарија ќе го услови историското ревидирање на АСНОМ, што ќе значи бришење на термините „бугарски“, „фашистички“ од спомениците и обележјата, кои Македонците ги вградиле како траен спомен и сведоштво за борбата за слобода и државност против непријателот, кој ќе стане „администратор“, а со уставните промени и „државотворен“ народ?!

Како постои реципроцитет, кога Бугарија е во позиција да става вето, доколку македонската историја не се промени и се прифати „бугарската“ верзија на националната историја, која ќе стане дел од образовниот процес, со што новите генерации ќе се „осознаваат“ како „новоосвестени“ Бугари?!
Како постои реципроцитет, кога комисијата за историски и образовни прашања, селектира и редефинира само личности поврзани со историјата на Македонија и притоа ги дефинира како дел од „заедничката“ историја и значајни бидејќи припаѓаат на еден народ?!
Како ќе се „заштити“ идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик, кога со предлог заклучоците на Собранието и прифаќањето на Францускиот предлог и билатералниот протокол, на македонскиот народ на патот на ЕУ му претстои да му биде одземена историјата со која го изразувал и го изразува својот идентитет, јазик, посебност и различност од Бугарите?!

Наспроти играта на зборови на Владата со користењето на терминот „преговарачка рамка“ во предлог заклучоците до Собранието, всушност се прифаќаат сите документи кои го сочинуваат Францускиот предлог.
Прифаќањето на Францускиот предлог со условениот влез во ЕУ по диктат на Бугарија, ќе ги сведе Македонците до апсурдoт на постоењето.

Затоа треба да се одбие Францускиот предлог, што во крајна линија ќе биде во интерес на ЕУ, која преку нарушувањето на сопствените вредности со примерот на Македонците, самата го доведува членството во ЕУ до апсурд!

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институт за национална историјас