На прашањето „Дали Бугарија треба да каже „да“ на почетокот на преговорите во Северна Македонија без да се постигне договор за отворените прашања“, со „да“ одговориле 29,6 отсто од испитаниците, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од бугарската агенција „Алфа Рисрч“.

Тоа е процентуално зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година, кога само 16,9 отсто одговориле позитивно, беше констатирано во емисија на Бугарската национална телевизија посветена на бугарско-македонските односи, пренесе МИА.

Според истражувањето, дури 69% од испитаниците сметаат дека не треба да се дозволат преговори без да се решат отворените прашања.

Речиси 61 отсто од бугарските граѓани сметаат дека Македонија треба да стане членка на Европската унија.

Во одговор на прашањето – кој е фундаменталниот интерес на Бугарија за членство на РСМ во ЕУ, ако се остават настрана спорните прашања, 60,9 отсто од Бугарите се изјасниле дека земјата треба да стане членка на Унијата, наспроти 32,2 отсто од испитаниците кои се изјасниле дека С. Македонија не треба да стане членка на ЕУ.

Мнозинството од анкетираните, како и бугарскиот премиер Кирил Петков, веруваат дека сегашните позиции на владите треба да се надградат.

Анкетата на Алфа Рисрч, исто така покажа дека 61,9 отсто од испитаниците веруваат дека новите влади на Бугарија и Северна Македонија треба да ги задржат своите сегашни позиции, но и да ги надградат за да ги деблокираат преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Од испитаниците 12,4 отсто сметаат дека треба да се зачуваат сегашните позиции, а 25,7 отсто се со став дека треба да се изградат целосно нови позиции.