Речиси 600 евра му требаат на едно 4-члено семејство за да го преживее месецот

Над 34.000 денари се потребни за основните трошоци за семејство со четири члена.

За 200 денари се зголемени минималните трошоци во месец октомври. На едно четиричлено семејство да го помине месецот му требаат 34.584 денари-покажува синдикалната кошничка. Најмногу пари се трошат за храна. Во бројки, 42,7 проценти одат за оваа намена или за храна и пијалоци потребни се 14.779 денари, а потоа следат режиски трошоци со 10.879 денари, и за хигиена 2.390 денари.

Од Синдикатот бараат зголемување на минималната плата на 18.000 денари и линеарно зголемување на останатите плати.

„Очигледно е дека ни треба зголемување на платите со кое ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница. Затоа, апелираме да бидат прифатени забелешките на синдикатите во врска со зголемувањето на платите за да не продолжи трендот на осиромашување на граѓаните“, велат од Синдикатот.

Во земјава трошоците за живот растат. Поскапеа лебот, шеќерот, маслото за јадење.