Македонските разузнавачи кои се под ингеренции на претседателот на државата не успеаја да ги видат безбедносните закани за регионот и Европа како што ги виде германскиот министер за Европа Михаел Рот.
За разлика од Агенцијата за разузнавање која е под контрола на Пендаровски, Рот вели дека спорот со Бугарија може да предизвика дестабилизација и загрозување не само на македонската туку и на европската безбедност.
„Како претседавач со ЕУ правиме сѐ што можеме за во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови, и со Албанија. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни“, изјави Рот во обраќањето пред денешната онлајн конференција на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Пред само една недела директорот на Агенцијата за разузнавање Елрод Муслиу кој се соочуваше со 4 контроверзни предмети во Антикорупциската комисија тврдеше дека односите со Бугарија не се безбедносна закана.
Во интервју за Мкд.мк Муслиу одговара дека не гледа закана по безбедноста како резултат на односите со источниот сосед што е целосно спротивно од тоа што го тврди германскиот министер за Европа.
“Колку актуелната ситуација во земјава, особено односите со Бугарија, влијае врз безбедносната оценка за Македонија?”, е прашањето од мкд.мк до Муслиу.
“Односите со Бугарија не се безбедносно прашање. Бугарија е наш сојузник во рамките на НАТО и оттука имаме одлични односи со бугарските цивилни безбедносно-разузнавачки агенции. Ние како Агенција ги делиме истите стратешки определби и интереси со бугарските агенции и заеднички се справуваме со асиметричните и хибридните закани”, одговори Муслиу во интервјуто.
Македонското прашање станува безбедносна закана за регионот и Европа