Разрешен албанскиот претседател Илир Мета

Парламентот го разреши претседателот Илир Мета под обвинение за „сериозно кршење“ на Уставот за време на изборната кампања во април.

За разрешување на Мета гласаа 105 пратеници во парламентот кој има 140 места, 7 беа против, а 3 беа воздржани.

Ова е првпат во историјата на Албанија претседателот да биде разрешен од Парламентот.

Сепак, останува Уставниот суд да го каже последниот збор за ова со одобрување или одбивање на разрешувањето и доказите за денешната одлука.

За време на изборната кампања во април, Мета ја обвини владата дека е вклучена во подготовките за лажирање на изборите, дека соработувал со криминални банди за купување гласови и ги повика луѓето да го бранат својот глас.

Социјалистичкото мнозинство започна процедури за негово разрешување веднаш по освојувањето на третиот мандат на изборите на 25 април, по ветувањето дадено неколку дена претходно од премиерот Еди Рама и откако претседателот се судри со американскиот амбасадор на телевизија, јави Exit.al