Државата е најсуровото чудовиште. Сурово не лаже со зборови кои се искраднуваат од нејзината уста: ‘Јас сум државата, јас сум народот‘. Државата лаже на сите јазици на доброто и злото. Што и да изрече е лага, што и да поседува е кражба.
Фридрих Ниче, Така говореше Заратустра
Зошто македонскиот парламентаризам е само покритие за партократија?

Нужноста да се ублажи моќта на чудовиштето-држава не‘ води кон францускиот философ Шарл Монтескје и заложбата за троглавата власт (законодавна, извршна и судска). Искуството докажа дека троглавата власт ќе биде најдобра основа за изградба на слободните и отворени општества.

Далеку од татковината на Монтескје, македонската држава веќе триесет години лаже на сите јазици на доброто и злото. Сегашниот облик на државно уредување не не‘ изневерува само во неговата неуморност во постојано создавање на политички кризи.

Меѓутоа, во Македонија не е поттикната сериозна научна расправа за промена на државното уредување.

Авторот не беше во можност да пронајде ниту еден документ, бела книга, истражување, јавна расправа или пак институционална иницијатива во која одговорните општествени чинители, академската јавност или политичките актери отпочнале дискусија за промена на сегашниот систем на парламентарна демократија. Парламентаризмот во Македонија се испостави како совршено покритие за кооптирање на трите власти во облик на партократија.

Зошто ни е потребен нов Устав?

Тврдам дека излезот од Сизифовата замка е ново уставно уредување – претседателска република. Сегашниот уставен поредок е производ на амбициите на своето време и надежите вложени во тогаш-новиот партиски плурализам.

Сепак, тогашната генерација некритички ги прифатила обрасците на парламентарна демократија (успешна во англосаксонскиот културен свет), а воедно се страни на македонскиот културен образец (обликуван од искуството во Османлиската империја). Иронично, подолго сме живееле во заедничка држава со Багдад и Дамаск, одошто со некоја европска престолнина. Во секоја држава која произлегува од Османлиската империја, парламентаризмот е нефункционален и води кон авторитаризам. Новото уставно уредување има првенствена задача да ја спречи незапирливата моќ на чудовиштето-држава.

Денес, помудри за триесет години политичко искуство треба да размислуваме за поинакво државно уредување. Новиот македонски Устав не смее да биде листа на желби, брзоплета копија на устави на држави со кои немаме исто историско искуство, или пак да биде само покритие за партиско запоседнување на државата. Имено, како бескомпромисни принципи треба да ги прифати владеење на правото, отвореното општество и строга поделба и контрола врз власта.

Како би изгледал новиот систем?

Првин, извршната власт ќе биде моноцефална т.е. Претседателот на Републиката покрај што шефот на државата, е и‘ шеф на извршната власт. Претседателот својот легитимитет ќе го црпи директно од народот на непосредни избори, при што извршната власт ќе биде непосредно одговорна пред граѓаните и тоа со ограничен мандат. Изборите се одржуваат во редовни термини и не можат да бидат предизвикани со гласање за доверба или други парламентарни процедури, освен уставно дефинираното отповикување т.е. импичмент. Ова е од круцијална важност за Македонија која е постојан изборен вител со предвремени избори речиси секоја година.

Претседателските кандидати, за да бидат избрани, ќе мора да ги претставуваат и сите етнички заедници поради демографската композиција на гласачкото тело.

Дополнително, кандидатите ќе имаат поттик да се одделат од партиските матрици со цел да постигнат што е можно поголем легитимитет.

Претседателот дополнително избира свој Кабинет кој ја спроведува волјата на гласачите преку програмата за која се определиле, при што истиот треба да се држи кон принципот на минимална владa, со законски ограничени надлежности. Шефот на државата, како и министрите во кабинетот не можат истовремено да бидат и членови на законодавниот дом, ниту пак да влијаат врз секојдневното работење.

Во ваквиот систем докажана е поголемата ефикасно на начелото на строга поделба на власта, и принципот на „кочници и рамнотежа“ (checks and balances). Дури од чисто лукративни интереси, претставниците на двете гранки од власта во ваквиот систем би имале поголем поттик да се профилираат себеси како контролори на другиот, со цел да стекнат поголем углед и легитимитет кај електоратот.

Второ, законодавниот домот конечно ќе излезе од сенката на нем спроведувач на волјата на партиските главатари. Пратениците кои сега ќе бидат натерани сами да ‚‚трчаат‘‘ за да го заработат својот мандат кај избирачкото тело, ќе бидат помотивирани да промовираат граѓански инцијативи.

Собранието се здобива во вистински механизми на контрола врз работата на власта и во координација со највисоките судски органи може да спроведе и постапка за отповикување (импичмент) доколку дојде до прекршување на Уставните начела. Дополнително, Собранието добива на тежина и видливост така што парламентарните избори нема да бидат само трка за наредната Владата, туку избор на личности кои суштински можат да влијаат врз политичките текови.

Најпосле, не треба да се изземе од вид и можноста за воведување на тн. Горен дом во Собранието. Ваквата дискусија во Македонија најчесто се води од етничка гледна точка, но во прв ред мислам на повикување на Сенаторските традиции како дом кој е олицетворение на разум, совест и постојаност.

Нешто што парламентарците кои зависат од реизбор често го заборават. Горниот дом може да дава совети и согласност за некои извршни одлуки (на пр. назначувања на министри, судии или амбасадори кон Кабинетот).

Мандатот на членовите може да биде подолг отколку во Долниот дом или пак може да биде доживотен, со што Македонија добива стабилност и континуитет во донесувањето политики. Неговата улога би била да ги претставува интересите на широк спектар засегнати страни кои не се опфатени од партиските каравани, но исто така да биде чувар на стабилноста и континуитетот на демократскиот развиток.

Трето, во судскиот систем судската власт ја вршат основните судови, второстепените судови и Врховниот суд. Назначувањето на судиите, јавните обвинители и останатите извршители на правосудските органи ќе биде исклучива надлежност на професионалците од ‘еснафот‘. Изборот на Врховниот суд ќе биде предмет на јавна постапка во која ќе бидат вклучени не само Претседателот и двата дома на Собранието, туку и пошироката експертска јавност кои ќе ја јават како главни евалуатори на кандидатите кои се предложени од остантите власти.

Дали овој теоретски модел ќе ја преживее реалноста?

Нема чисти модели на организација на власта како што е замислено во политичката теорија. Односот меѓу легислативата и егзекутивата е значајна одредница на секој политички систем, но тука особено влијае пошироката политичка култура. Демократската култура во Македонија е се уште во својата рана младост, а од нашата историја можеме да се присетиме само на феудализам и социјалистички експеримент. Развитокот на демократската свет може да биде постигнат единствено преку избегнување на постојани и пролонгирани политички кризи и обезбедување стабилен државен апарат.

Македонија е држава со ‘азиски‘ политички менталитет во наследство, а желби и аспирации кои целат кон ‘европско‘ отворено општество. Ваквата дихотомија не се среќава во земјите на средишниот европски континент, па така неблагодарно е да ја споредуваме Македонија со нивните искуства. На сиот метеж треба да ја нафрлиме и консоцијативната демократија која е инхерентно против граѓанските и индивидуалистички стремежи на просветителска Европа.

Претседателска Република Македонија произлегува од согледувањата за тоа како парламентаризмот досега беше корумпиран и злоупотребуван за заробување на државата од страна на партиските врхушки. Најпосле, компаративните историски искуства покажуваат дека нациите кои произлегле од Османлиската империја најбрзо прогресирале кога биле под државно уредување на претседателска република, како што е примерот со Турција на Мустафа Кемал Ататурк.

Македонските граѓани по својата политичка матрица и начинот на размислување за политичкото дејствување би биле повеќе склони кон власт која е оличена во една личност, а сепак ограничена. Потем би сакале да сведочат на парламент кој не е генератор на кризи туку создавател на политики, и најпосле власт која е ограничена надвор од нивните приватни живот. За ваквите заклучоци може да ни послужат и сведоштвата на дејците од МРО било да биле на левата или десната страна од политичкиот спектрум.

Радован Спиридонов

Авторот е најдобар студент на водечкиот макеоснки универзитет Свети Кирил и Методиј