Поранешниот секретар на владата, Драги Рашковски, против кого се води судски процес, денеска се појави на првиот академски час на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Денеска почна академската година, која по две години онлајн настава поради пандемијата со коронавирусот сега ќе биде со физичко присуство.

На академскиот час во Скопје присуствуваше министерот за правда Никола Тупанчевски, кој е кадар токму од овој факултет, а меѓу другите професори кои им посакаа успешна година на студентите беше и Драги Рашковски кој е вонреден професор.

Рашковски беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев, функција од која се повлече по објавување на аферата „Софтвери“.

Обвинението во судскиот процес против него за ова опфаќа два тендери – за софтвер за сообраќајни прекршоци и уште еден за биометриска идентификација. Двата, според обвинителството, никој не ги барал и не ги користел. Исто така, обвинението опфаќа и исплата на хонорари од кои, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.