Албанскиот премиер предупреди дека ако се ускрати правото на Албанија еден ден да стане членка на Европската унија, може да поттикне радикализација на муслиманите во земјата, што би ја загрозила регионалната стабилност.

Еди Рама, во пресрет на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, во Берлин  ги осуди европските политичари дека шират анти-муслимански чувства, предупредувајќи дека на тој начин „инвестираат во радикализација“, пренсува ТВ Н1.

„Статистички, Албанија е претежно муслиманска држава, но би рекле дека Европа е главната религија во Албанија“, изјави Рама за Ројтерс.

„Затоа сите овие сили се практично европски инвеститори во радикализацијата. Ги мразам“, рече Рама.

Албанскиот премиер уште предупреди дека затворање на вратата за европската перспектива на Албанија, може да остави празнина што Русија би можела да ја искористи, и како пример го спомена наводно мешање на Москва избори во Црна Гора во 2016 година, што, според него, би можело да се случи повторно било каде на Балканот.

Рама рече дека неговата земја нема алтернатива освен европска интеграција и побара тоа да се почитува и да не се сфаќа како наивност.