Албанскиот премиер Еди Рама смета дека неговата земја и Македонија не треба да бидат разгледувани во пакет на нивниот пат кон Европската унија.

Неколку месеци по критикувањето на бугарската позиција кон Скопје, поради која трпеше и евроинтеграцијата на Албанија, Рама се осврна на тоа пред Бугарската национална телевизија (БНТ).


„Се разбира дека не сум заборавил оти имавме момент на расправија. Но, тоа беше многу специфичен случај во многу специфичен момент. Тоа немаше никаква врска со корените, со длабочината на нашите односи“, се правдаше претседателот на албанската Влада пред БНТ.

„Но, во тоа време, како што се сеќавате, да бидеме разделени не беше опција. Затоа што не одлучувавме ние, туку Европскиот совет. Тоа ја направи нашата ситуација доста загрижувачка, а нашата позиција доста отежната. Денес сметам дека нашите патишта природно се разделија. Затоа што од моментот кога една земја ќе ги започне пристапните преговори, нејзиниот пат зависи од нејзините заслуги, а не од политиката или од геополитиката. Барем така е на хартија. Е, знаеме дека понекогаш – а и сè повеќе – она ​​што е напишано на хартија не се случува во реалноста. Но, не гледам причина да бидеме држани заедно повеќе. Секој си има свој пат“, категоричен е Рама.