Рама: НАТО ќе гради база во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама на Фејсбук објави дека НАТО во Албанија ќе гради воздухопловна база за Западен Балкан.

Ова е прва база на НАТО на Балканот пренесуваат странски агенции.

„Северноатлантскиот совет ја одобри одлуката да се изгради во Албанија првата воздухопловна база во Западен Балкан. Со средства од Северноатлантската алијанса и во партнерство со Владата на Република Албанија, НАТО ќе инвестира над 50 милиони евра, само за првата фаза од проектот за модернизација на воздухопловната база во Кучово“, напиша Рама.

Тоа ќе биде првата база на Балканот, пренесе агенцијата Ксинхуа.

Проектот кој се очекува да започне во текот на годинава ќе служи како база за поддршка на НАТО за снабдување од воздух, логистичка поддршка, поддршка за воздухопловната полиција, како и обука и вежби на Алијансата.

„Кучово, исто така, ќе служи како национална база за албанските воздухопловни сили, а оваа стратешка инвестиција на НАТО во Албанија ќе донесе нов стандард на нашите вооружени сили“, напиша Рама.