Рама најавува развод во европската љубовна романса со Македонија

Албанскиот премиер Еди Рама најавува крај на двоецот Македонија – Албанија на патот кон ЕУ доколку наредната недела Софија не го крене ветото за Скопје.

Рама во интервју за американскиот портал Политико изјави дека не очекува самитот на ЕУ следната недела да го отвори патот за неговата земја да ги започне преговорите за членство во ЕУ за што ја обвинува Бугарија, пренесоа албанските медиуми.

Во интервју за Политико, Рама рече дека е песимист.

,,Немам очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Македонија нема официјално да започнат разговори за пристап”, смета Рама.

На прашањето дали некој од лидерите на ЕУ дал сигнал дека разговорите би можеле да започнат наскоро, Рама одговори:

,,Какви сигнали можат да дадат? Не се работи за нив. Повторно се работи за Бугарија. Сите тие се согласуваат, сите поддржуваат, секој што мислат дека ова треба се случи и дека веќе требаше да се случи. Но нивниот простор за маневрирање е ограничен од Бугарија”, вели Рама кој не очекува бугарските лидери да ја сменат својата позиција, бидејќи тие го направија спорот толку голем што е многу тешко да се повлече.

,,Ова е спирала. Тие влегоа во спирала. И многу, многу е тешко да се излезе од оваа спирала”, изјавува Рама, кој ќе присуствува на состанокот на лидерите од Западен Балкан и ЕУ во Брисел пред самитот.

Бугарските функционери ја бранат својата позиција, инсистирајќи дека тие едноставно сакаат Македонија да ги почитува своите претходни обврски и да се обиде да ги заштити правата на Бугарите во земјата, пишува весникот.

Од своја страна, Македонија вели дека прави добронамерни напори на барање на Софија и нагласува дека билатералниот спор не треба да го попречува почетокот на преговорите меѓу ЕУ и идната членка.

Рама потврди дека ако нема напредок овој месец, тој ќе побара кандидатурата за членство на Албанија да се разгледува одвоено од онаа на северна Македонија, потег што ЕУ досега не сакаше да го преземе.

Официјалните лица велат дека регионалната стабилност би била подобра доколку двата соседа напредуваат заедно.

,,Ако ништо не се случи во јуни, ќе сакаме да се разделиме од овој пар кој е изгубен во преводот. Убеден сум дека тоа е она што треба да го направиме, а потоа ќе видиме дали (лидерите на ЕУ) ќе се согласат или не, ќе видиме”, рече Рама.