„Претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама ги покани лидерите на албанските политички партии во * Македонија на неформална средба во вторник, 10 јануари 2023 година. Оваа вест за новинската агенција ‘Журнал’ ја потврдуваат извори од албанските партии.“ – објави „Журнал“ во својата вест со наслов „Ексклузивно: Рама ги собира на ручек Ахмети, Таравари, Касами, Гаши и Тачи“.
Во својата куса вест „Журнал“ дополнува: „Рама ги покани лидерите на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на Движењето Беса Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши и на Демократската партија на Албанците Медух Тачи.“
Инаку, во овој момент нема никакви навестувања, поради што ги свикува Рама повторно лидерите на албанските партии во главниот град на Албанија. Медиумите на албански јазик на почетокот од ноември лани објавија дека лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари веќе бил во Тирана на разговор со Рама и оти, наводно, тогаш имал добиено од него „согласност да влезе во Владата на Македонија, заради засилување на владејачкото парламентарно мнозинство и на самата Влада“. Директна потврда за овие медиумски пишувања немаше.
Во текот на декември 2016 година Еди Рама веќе имаше две заеднички средби со албанските партии од Македонија, а од средбата на 29 декември конечно произлезе заеднички потпишаната така наречена „Тиранска платформа“. Врз основа на тој документ овие партии, обединети како единствен албански политички чинител, издејствуваа усвојување серија нови закони, меѓу кои и законот за употреба на јазиците, со кои во многу голема мера се преобрази политичкиот систем на Македонија согласно со интересите и барањата на овој етникум.
Од „Тиранската платформа“ останаа нереализирани уште неколку клучни точки. Веројатно најважната од нив е редефинирањето на уставно-правната и политичка позиција на Албанците со нивно прогласување како „државотворен и автохтон народ во Македонија“. Тука е и барањето за промена на државното знаме, химната и грбот на Македонија. Исто така, една од точките на таа „Платформа“, која чека „на ред“, е и натамошната децентрализација, што создава дилеми дали е отворање пат кон прогласување на политичко-територијалната автономија на Албанците во западниот дел на Македонија, за што тие веќе имаат „одржано референдум“ во 1991 година.
Во контекстот на ова, можеби и поврзано со единствената позиција на сите албански партии да се промени македонскиот Устав заради внесување и на „бугарскиот државотворен народ“, но и заради „отстранување на навредливата квалификација од 20 проценти за албанскиот јазик и самиот албански народ од Уставот“, се наметнува прашањето: дали Еди Рама ги повикал лидерите на албанските партии со нив „само онака да испие кафе“ на 10 јануари 2023 година, или со ова најново директно мешање во внатрешните работи на Македонија можеби преку нив да повлијае со притисок да се промени Уставот и конечно да се спроведе целосно „Тиранската платформа“?!