Албанскиот премиер не ја премолчи реакцијата од Министерството за надворешни работи на Бугарија за неговата изјава на Бледскиот стратешки форум дека членката на Европската унија ги држела како заложници сојузниците од НАТО, Македонија и Албанија, и тоа среде војната со Русија.
„Можеби некој треба да им помогне на нашите пријатели од бугарското МНР со смирен превод на мојот одговор во Блед за тоа како Бугарија го блокираше отворањето на пристапните преговори за Албанија и Македонија кога конечно сите останати се согласија по долги 8 години! Едноставно, ги повторив истите работи што ги кажав во јуни“, реплицира Рама на Твитер, пред да поентира: „Ако Министерството за надворешни работи на Бугарија немало ништо поважно денеска од јавна изјава за нешто што го кажав на панелот на Бледскиот стратешки форум, не можам, а да не го сфатам тоа како голем комплимент за форумот и за панелот, вклучително и за мене! Но, сериозно, ова е незаслужено“.