Очекувам да прекине дискриминацијата кон Бугарите во Република с. Македонија, порача претседателот на Бугарија, Румен Радев, по средбата со партијата Граѓанско-демократска унија (ГДУ), чиј претседател е Петар Колев.
Колев се пожали дека според сегашното македонско законодавство и Уставот, во Македонија нема Бугари.
„Преамбулата ги наведува народите што живеат во РСМ, почнувајќи од албанскиот, турскиот, ромскиот, бошњачкиот јазик, но Бугарите не се појавуваат таму, што значи дека ова автоматски е прифатено во сите закони дека во РСМ нема Бугари. А, како што можете да видите, јас сум пред вас – жив и здрав, живеам во градот Штип и сум Бугарин “, рече Колев.
За Радев ГДУ е една од новите политички сили во Македонија и по средбата со нејзините претставници ги наведува и останатите негови очекувања.
„Очекувам да се напушти говорот на омраза во учебниците по историја, во натписите на историските споменици, во музеите, во медиумите. Прекинот на дискриминацијата и почитувањето на правата на Бугарите на територијата на нашиот југозападен сосед ќе биде важен знак за европската зрелост на Република с. Македонија“, вели Радев.
Средбата со ГДУ, Радев ја оценува како позитивен чекор во развојот на односите помеѓу двете држави, а нагласува и дека го цени придонесот на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев за враќање на дијалогот на највисоко ниво.
